Вести Свет Топ вести

Oбид за мировен договор меѓу Израел и Хамас

За време на посетата на Филипините американскиот државен секретар Антони Блинкен го повика Израел да ги заштити цивилите во Газа, најавувајќи дека ќе ги посети Египет и Саудиска Арабија со цел прекин на огнот меѓу Израел и Хамас. Тој рече дека е важно да се има план кога ќе заврши војната и да се спречи можен нов напад како оној на 7 октомври. Блинкен предупреди дека „100 отсто“ од населението на Појасот Газа е во „ситуација на сериозна несигурност и недостаток од храната“.

  • Целта е повеќекратна. Тоа, се разбира, е да се заложиме за договор за прекин на огнот и ослободување на заложниците. Како што знаете, ние сме интензивно ангажирани на тоа секој ден и ние правиме се што можеме за да има напредок и да постигнеме договор. Но, исто така и да ги продолжиме разговорите што ги започнавме уште во јануари токму за прашањето што го поставивте, а тоа е постконфликтната Газа и аранжманите што ќе треба да се направата за нејзино управување, безбедност, хуманитарна помош и обновување- Антони Блинкен, државен секретар на САД.

Нови преговори за прекин на огнот во Појасот Газа и ослободување на заложниците кои ги држеше Хамас почнаа вчера во Доха. Израел со понуда за шестнеделно примирје доколку бидат ослободени 40 заложници, Хамас со предлог договор кој предвидува три фази. Ослободување на 35 заложници во замена за 350 затвореници и шестнеделен прекин на огнот. Втората фаза предвидува ослободување на главните рути кон северот од земјата и третата фаза договарање на траен мир.

Израелските сили во рацијата на болницата Шифа во градот Газа, втора по онаа во ноември минатата година, за која сметаат дека милитантите на Хамас дека ја користат како база, по нападот објавија дека меѓу 20-те убиени терористи е и командант на Специјалните операции на Хамас.

  • За време на операцијата уапсивме повеќе од 200 осомничени за тероризам и тие во моментов се под истрага, елиминиравме повеќе од дваесет терористи во болницата, предводени од терористот Фаик Мабхух, кој беше шеф на Специјалните операции на Дирекцијата на организацијата за внатрешна безбедност на Хамас- Даниел Хагари , портпаролот на израелската армија.

Жителите на Рафа светиот месец Рамазан го поминуваат во постојана молитва и со скромен оброк поставен врз урнатините на нивните домови, велат дека ни засолништата не се безбедни.

  • Како што можете да видите, живееме во нашето место кое беше бомбардирано. Невозможно е да го оставиме. Ние сме на урнатините од куќата и секој ден сум во овој крај. Тоа е затоа што засолништата не се безбедни. Подобро е да останам овде- Имад ал Рабаја, жител на Рафа.

Според Министерството за здравство во Газа бројот на загинати борци и цивили надминува 31.700. Палестинските милитанти убија околу 1.200 луѓе во ненадејниот напад на 7 октомври од Газа што ја предизвика војната.

Билјана Ставрова

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Гир: Првиот круг на изборите, генерално, мина во мирна и демократска атмосфера

Дејан Дејан

„Волстрит журнал“: Американските разузнувачки агенции не веруваат дека Путин има било каква врска со смртта на Навални

Дејан Дејан

Тоа се насилници, не уставобранители – Спасовски против помилување на лицата кои упаднаа во Собранието на 27 април

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе