Ред Бул го сака Карлос Сајнц јуниор следната сезона како тимски колега на шампионот Макс Ферстапен, но најдоминантниот тим во Формула 1 можеби ќе ја загуби трката за неговиот потпис од тим, кој се уште не е официјално влезен во натпреварувањето.
Советникот за мотоспорт на Ред Бул, Хелмут Марко во изјава за австрискиот весник „Клајне Цајтунг“ потврди дека во моментов тимот е во преговори со Карлос Сајнц за следната сезона. Шпанецот ќе го напушти Ферари, кој го ангажираше Сер Луис Хамилтон за 2025 година.
„Ние разговараме со Сајнц, тој ја има најдобрата сезона во Ф1 откако е тука, но во исто време има и многу богата понуда од Ауди, што ние не можеме да ја понудиме“, изјави Марко.
Ауди официјално влегува во Формула 1 во 2026 година откако го купи тимот на Заубер. Германскиот производител сака Сајнц да биде предводникот на тимот, бидејќи има искуство и голем талент.
Ред Бул ќе почека со одлуката за возачката постава по оваа сезона. Серхио Перез конечно почна да прикажува перформанси како што се очекуваа од него, па можно е да добие нов договор. Една од опциите за австрискиот состав е и Александер Албон, кој во минатото возеше за Ред Бул.