Карлос Сајнц победи на трката за Големата награда на Австралија во Формула 1 шампионатот и тоа пред својот тимски колега од Ферари, Шарл Леклер, додека бранителот на шампионската титула Макс Ферстапен принудно се повлече по само четири круга на патеката „Алберт Парк“.
Карлос Сајнц пред точно 16 дена имаше операција на слепото црево и ја пропушти трката во Саудиска Арабија, но Шпанецот очигледно брзо се рехабилитираше и денеска ја оствари својата трета победа во кариерата. Макс Ферстапен се повлече од трката по само четири круга поради проблеми со сопирачките, па Сајнц водеше до крајот на трката, а зад него финишираше тимскиот колега од Ферари, Шарл Леклер. Трет финишираше Ландо Норис од Мекларен.
Потоа следуваше неговиот колега Оскар Пиастри, петти беше Серхио Перез, па Ленс Строл, Јуки Цунода, Фернандо Алонсо, Нико Хулкенберг, а последниот бод го освои Кевин Магнусен.
По три трки во генералниот поредок води Ферстапен со 51 бод, четири повеќе од Леклер, трет е Перез со 46, а Сајнц има 40 бодови.
Следната трка е за две недели за Големата награда на Јапонија на патеката „Сузука“.