Вести Македонија Најважни

Автомобилското осигурување ја разбранува јавноста – дали ќе има поскапување на полисата ќе знае во понеделник

Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност на седница в понеделник треба да го разгледа Извештајот од Националното биро за осигурување за оправданоста и исправноста на донесените одлуки за зголемување на цената на полисата за задолжителното авто осигурување на осигурителните компании и да преземе соодветни чекори во насока на заштита на крајните потрошувачи.

Комисијата за автомобилска одговорност која е именувана од страна на Владата согласно Законот за задолжително осигурување во сообраќајот ја сочинуваат членови од Министерството за финансии (МФ), Националното биро за осигурување (НБО) и Агенцијата за супервизија на осигурувањето (АСО). Таа е надлежна за утврдување на Тарифата на премии за осигурување на сопствениците на моторни возила од одговорност за штети предизвикани на трети лица.

Комисијата ја утврдува премијата за осигурување која ја плаќа договорувачот на осигурувањето-осигуреникот, a која се состои од техничка премија, која ја утврдува Владата на предлог на Комисијата и дел на премија за вршење на дејноста на осигурување (режиски трошоци) што ги утврдуваат осигурителните друштва самостојно со посебна одлука на Друштвото за осигурување.

Од Министерството за финансии нагласуваат дека техничката премија останува непроменета, а со донесените одлуки од страна на осигурителните друштва е извршена корекција на цената во делот на премија за вршење на дејноста на осигурување (режиски трошоци).

Од АСО сметаат дека зголемувањето на цената на полисите за задолжително автомобилско осигурување е неоправдан чекор на осигурителните компании.

Од НБО, пак, велат дека актуелните пазарни услови предизвикаа неопходност од промена на цената на полисата за задолжителното авто осигурување и додаваат дека процентот на пораст секоја осигурителна компанија сама го дефинира, зависно од деловната политика и направената анализа. Оттаму објаснуваат дека се работи за европски компании кои одлуките ги носат врз основа на сериозни повеќегодишни анализи, кои покажуваат дека бизнисот за осигурување на автоодговорност е неодржлив со сегашните цени.

Нагласуваат дека досегашната цена на задолжителното авто осигурување била непазарна, прениска, меѓу најниските во регионот, непроменета уште од 2008 година и дека ја доведува во прашање исплатливоста на работењето на осигурителните компании.

Зголемувањето на цената  за задолжителна осигурителна полиса од страна на осигурителните компании вчера на својот Фејсбук профил го коментираше и вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.

„Згрозен сум од зголемувањето на сумата за задолжителна осигурителна полиса од страна на осигурителните компании. Ова може да се толкува и како директен атак, или политичко мешање на компаниите за осигурување, бидејќи тарифникот со тие зголемувања два пати е доставен до Владата и два пати не е одобрен на владина седница. Ова е манипулативен начин со кој надвор од предвидената процедура осигурителните компании изнаоѓаат начин да ја зголемат цената на авто осигурувањето на грбот на граѓаните“, напиша Битиќи.

Тој ги повика Министерството за финансии и Комисијата за заштитата на конкуренција да постапат по овој случај.

Со донесените одлуки за зголемување на цената на полисата за задолжителното авто осигурување од страна на осигурителните компании за 15,44 отсто поскапува полисата што ја плаќаат граѓаните при регистрација на нивните возила со моќност од над 44 киловати. Поскапувањето е од 840 па до скоро 1.600 денари во зависност од моќноста на возилото.

Поскапува регистрацијата на возилата, се зголемува цената на задолжителната осигурителна полиса

Поскапува задолжителната осигурителна полиса – нови цени за регистрација на возила

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

САД ја запреа испораката на оружје за Израел

Дејан Дејан

Кои имиња ги пополнија собраниските фотелји – анализа на Телма на освоените мандати

Дејан Дејан

Ковачевски заминува, СДСМ во јуни ќе бира претседател и раководство

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе