Бостон без проблеми го совлада Мајами со 114-94 за да поведе со 1-0 во првата рунда од плеј-офот во НБА-лигата. Селтикс имаа и највисоко водство од 34 поени во последниот период против Хит, кои беа без првата ѕвезда Џими Батлер поради повреда.
Џејсон Тејтум стигна до првиот плеј-оф трипл-дабл во својата кариера со 23 поени, 10 скока и 10 асистенции. Дури шест играчи на Селтикс имаа двоцифрен ефект во нападот, а кај Мајами најмногу се истакна Бам Адебајо со 24 поени.
Лос Анџелес клиперс славеа со 109-97 против Далас во првиот натпревар. Домашните иако беа без Каваи Ленерд, Џејмс Харден и Ивица Зубац беа главни во нападот со 28 поени и 20 поени и 15 скока. Лука Дончиќ и Кајри Ирвинг искомбинираа 64 поени, но немаа помош од останатите играчи.
На останатите натпревари, Оклахома со доста мака го совлада Њу Орлеанс со 94-92 за водство од 1-0 во меѓусебната серија, а сигурен на домашен терен беше и Милвоки со триумф од 109-94 против Индијана.