МЗТ Скопје денеска од 19 часот го пречекува тимот на Спартак Суботица во рамки на првиот полуфинален натпревар во АБА2 кошаркарската лига. Нашиот шампион сака да стигне до елитното регионално натпреварување, а тоа може да се случи само со елиминација на српскиот состав.
МЗТ во четвртфиналето го елиминираше Широки Бријег со убедлива победа на домашен паркет и минимален пораз на гости. Сега за ривал го има тимот на Спартак, кој во претходната рунда со две лесни победи го реши Хелиос Домжале. Српскиот тим беше првопласиран во регуларниот дел од сезоната со ефект од 11 победи и само два порази.
„Ова е еден од натпреварите за кои напорно работиме цела сезона, кои се идеален мегдан да покажеме од што сме создадени и на кои мора да ја оставиме буквално последната капка пот. Спартак Суботица е исклучително квалитетен противник, тим со сериозен буџет и амбиции, поради што мора да бидеме на највисокото можно ниво ако сакаме да дојдеме до посакуваниот триумф“, изјави тренерот на „металците“, Васко Атанасов.
Добра вест за македонскиот тим е што Ејасу Ворку се враќа во тимот по повредата, но Бојан Крстевски и натаму е надвор од стројот. Во единствениот меѓусебен натпревар во регуларниот дел од сезоната, Спартак го совлада МЗТ со 86-81. Вечерва дуелот почнува во 19 часот во салата „Јане Сандански“ во Скопје, а реваншот е за седум дена во Суботица.
За потсетување во второто полуфинале, Подгорица во средата ја совлада Војводина со 98-80 на домашен паркет. Во четврток на 2.мај се игра реваншот во Нови Сад.