Вести Македонија Најважни

Четири нови случаи на пертусис, вакциналните пунктови почнуваат да работат во две смени

Четири нови случаи на голема кашлица, потврди Центарот за јавно здравје- Скопје. Со ова вкупниот број на пертусис се искачи на 26. Во моментов на болничко лекување во Универзитетска клиника за респираторни заболувања Козле има 5 потврдени случаи на пертусис, за три се чека резултат.

Редици родители и деца уште во раните утрински часови пред вакциналните пунктови.

Црвениот аларм кој го вклучи Комисијата за заразни болести, со препорака да биде прогласена епидемија на пертусис на ниво на град Скопје, и препораката да се забрани деца кои не се вакцинирани или делумно вакцинирани да посетуваат градинка го зголеми интересот за вакцинација за три пати во споредба со претходните два дена.

Ваквите турканици се токму поради фактот дека голем број родители го пролонгираа редовниот термин за имунизација, па требаше да се случи епидемија за да дојдат на вакцина, велат медицинските лица.

Најчестите прашања кои ги имаат родителите се околу производителот зошто да се вакцинираат во тој ран период токму со овие поливалентни вакцини во која е содржана оваа компонента за голема кашлица . Секако овие гужви немаше да бидат толкави доколку родителите си ги носеа редовно по календарот за вакцинација , да си ги вакцинираат своите деца. Вакцината е најефикасниот и најбезбедниот начин да се превенираат заразни заболувања. Мене ми е жал што во 21 век кога го имаме најбезбедното средство за превенција ни се случува епидемија со голема кашлица, вели д-р Бети Гелејчевска – Илкоска од вакциналниот пункт во поликлиника Букурешт.

Вакциналните пунктови веќе од денес започнуваат со работа во две смени, дополнително ќе работат и во сабота од 8 до 14 часот. Станува збор за пунктовите во Ѓорче Петров, Букурешт, Јане Сандански, Ченто, Бит пазар и Чаир.

Градинките ги известија родителите да ги ажурираат податоците за вакциналниот статус  во најкус можен рок. Должни се да достават фотокопија од „Картонот за имунизација“ или медицинска потврда која ја издаваат Центарот за јавно здравје и пунктовите за имунизација.

Во текот на наредната недела инспекторите од Министерството за труд и социјална политика  ќе извршат вонреден надзор над сите градинки на територијата на Скопје и воедно информираат дека децата кои имаат развиено симптоми на грип и не се вакцинирани се привремено отстранети од градинките.

Нина Стефанова

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Астра Зенека призна дека нејзината вакцина против Ковид-19 може да предизвика несакани ефекти

Дејан Дејан

Тошковски: Љупчо Палевски ќе биде екстрадиран најбрзо што може

Дејан Дејан

Земјотрес од 4,3 степени утрово во Србија

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе