Отворањето на Уставот за внесување на Бугарите се наметна како клучна тема во преговорите за евентуалната коалиција доколку ВМРО-ДПМНЕ победи на претстојните парламентарни избори.
Мицкоски е дециден уцени и закани околу уставни измени нема да прифати а неговиот „прв пик“ за коалицирање – коалицијата „Вреди“ го омекнува ставот и од „приоритет“ уставните измени станаа срамежливо „што е можно побрзо“.
Вториот посакуван коалициски партнер – „ЗНАМ“ денес испорача услов до ВМРО-ДПМНЕ за коалицирање, а тоа е запирање на тајни преговори со екс премиерот Зоран Заев.
Опозициските ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Вреди“ велат дека ќе седнат на маса и ќе го пеглаат ставот низ разговори и дека сега фокусот е на кампањата и што е можно подобар резултат и освоени пратенички мандати.
Меџити е дециден дека Коалицијата „Вреди“ ќе биде дел од проевропска Влада а за уставните измени без тајминг или листа на приоритети.
Разговори по изборите е пораката која денес ја испрати Мицкоски до Коалицијата „Вреди“
Претседателот на „ЗНАМ“, Максим Димитриевски, кажа дека измени под т.н. „бугарски диктат“ и никаква соработка со ДУИ се заеднички ставови кои ЗНАМ први ги соопштиле, но дилемата е околу тајна соработка со екс премиерот Заев и неговите кандидати на листите за пратеници во СДСМ за обезбедување евентуално двотретинско мнозинство.
ДУИ останува цврсто на ставот дека мајскиот договор, односно коалицирање победник со победник, мора да се испочитува и да се примени и по овие избори, бидејќи тој е основата на консензуалната демократија а се останато, според ДУИ, е политичка авантура која може да повлече реперкусии.
Мицкоски пак дециден дека ДУИ ќе оди во опозиција по изборите на 8 мај и дека тие веќе го прекршиле договорот при коалицирањето со СДСМ, како и дека ВМРО-ДПМНЕ никогаш нема да коалицира со нив бидејќи немаат доверба.
Огнен Чанчаревиќ