Опозициските партии од албанскиот блок погласни од оние од Владата – но, сите без конкретни одговори околу тоа што ќе се разговара на состанокот со премиерот на Албанија, Еди Рама. Тој вечер ќе ги нагости лидерите на партиите на Албанците во Тирана.
Молк има и во Владата иако извори од „Илинденска“ број 2 средбата ја окарактеризираа како неофицијална меѓупартиска средба. Веќе нема дилеми околу составот на присутните кои ќе вечераат заедно во Тирана. Само Касами не прифати да оди заедно со Ахмети, Гаши, Таравари и Тачи. Од неговата партија БЕСА денес преку соопштение го повторија ставот дека средбата е на иницијатива на Ахмети и Груби и дека тоа е само обид од нивна страна, за да се извлечат од политичка криза и да побегнат од предвремени парламентарни избори.
Средбата на гости кај премиерот Рама ќе се одржи вечерва по 19 часот во Тирана, а дел од лидерите на партиите веќе имаат набиена агенда пред состанокот.
Претседателот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, кој го потврди своето присуство во Тирана попатно застанал и во Приштина за средби со премиерот на Косово, Курти и претседателката Османи. Според партијата, во фокусот биле теми како кризата на северот на Косово, борбата со криминалот и корупцијата и заедничките заложби за интеграција во Европската унија.
Официјално, никој не ги поврзува овие средби со средбата во Албанија кај Еди Рама. Од Алтернатива на Африм Гаши на иста линија со опонентите од БЕСА, нагласија дека не се подготвени политичкиот капитал да го жртвуваат за амортизирање на ничија партиска криза, а како една од темите важни за нив за кои се подготвени да разговараат е Уставниот амандман за спречување на застарување на кривичните дела поврзани со политичката корупција.
Во меѓувреме, портпаролот на ДУИ и министер во Владата на Ковачевски, Бујар Османи, веќе испрати апел да не се прави никаква политичка конспирација од средбата, истата ја именува како новогодишна, а на неа ќе се разменат и мислења за состојбите во регионот и напредокот во евроинтеграциите.
Ова не е првпат да се состанат лидерите на политичките партии на Албанците во Македонија со премиерот на Албанија, Еди Рама. Првпат тоа се случи пред точно шест години, а од таа средба произлезе таканаречената „Тиранска платформа“ – декларацијата од 7 точки за заедничка агенда во секој нареден владин мандат.
Петар Догов