Вести Култура

РЕПОРТАЖА: Малта – најгусто населена држава во светот со површина колку половина Скопје

Осветлена од сонце и опкружена со брановите на Средоземното Море, островската република Малта се наоѓа блиску до италијанска Сицилија и нешто повеќе од 300 километри во близина на Африка. Оваа мала земја има над половина милион жители, што, ја сместува во категоријата на една од најгусто населените земји во светот.

Меѓу жителите има и многу Македонци. Додека се шетате по оваа островска земја,чие име е верзија на грчкиот збор „мели“ или „мед“, не може да се промашат нашинците. Работат во угостителските објекти, возат во градскиот превоз, се занимаваат со градежни работи и одржување.

– „Скоро шест години живеам тука. Дојдов по работа, работам во угостителството, тука се оженив и тука останавме со сопругата. Веќе се навикнавме, добро заработуваме, почетна саатница за работа во ресторан како келнер или шанкер е 7 евра. Најмногу работници има од Македонија и од Србија“, ни кажа еден од македонците кого го сретнавме на улица.

Љубителите на архитектурата и историјата ќе бидат воодушевени да го видат главниот град Валета, чии згради зрачат со барок, неокласицизам и модерен функционализам – уметнички стилови што го ставија градот на листата на светско наследство на УНЕСКО во 1980-тите.

Тоа е првиот планиран европски град кој всушност е полуостров опкружен со две природни пристаништа, од кои Големото пристаниште е најголемо во Малта. Деновиве се опоравува од корона пандемијата, пред 50-тина денови Малта ги отвори границите и ги тргна најголем дел од рестрикциите поради што туристите почнаа да се враќаат на островите. Летната сезона е почната во обид да се врати на она време пред ковидот.

Тесните улички во вид на шаховска табла, импозантните ѕидини и многуте тврдини, го карактеризираат целиот остров до ден-денес. Специфичната архитектура е користен во серија холивудски филмови. Сцени од филмовите „Гладијатор“, „Троја“ и „Капетан Филипс“ се снимани на Малта, а природните убавини се прикажани и во култната   серија „Игра на тронови“. „Azure wındow“ или азурниот прозорец е карпата под која е снимана сцената со кралицата на змејовите. Но, оваа карпа во 2017-та попушти на силните бранови и вековната ерозија од водите на Медитеранот.

Туризмот на Малта напредува на својата богата култура, главниот град Валета беше европска престолнина на културата во 2018 година. Меѓутоа, во 2017 година, малата островска држава се најде на насловните страници поради огромните обвинувања за корупција против политичарите и властите и поради убиството на истражувачката новинарка Дафне Каруана Галиција.

Препознатливо за Малта е и по стариот главен град Мдина, познат и како „тивкиот град“, кој изобилува со историските палати на поранешните малтешки витези и кои денес прават домови за мало локално население. Туристите се шетаат со пајтони, а влезот е бесплатен.

Прошетките се убави и напорни, па малтежаните се потрудиле со својата кујна да ги задоволат вкусовите на своите гости.

Може да се претпостави дека тоа се специјалитети добиени со вековно мешање на островската култура и културите на Грците, Арапите, Французите и Англичаните кои некогаш го окупирале архипелагот. Накратко, тоа е колоритна еклектична мешавина која на почетокот воодушевува.

Традиционалната кујна најмногу зависи од годишните времиња, но главно е насочена на морска храна. Специјалитетот „Лампуки пита“ се прави од риба, „Капуната“ или малтешката верзија на Рататуј, богата паштета од лук и грав „Бигила “, а многу луѓе сакаат „хобз биз цеит“, отворени сендвичи полнети со туна, кромид, лук и домат.

Покрај храната со врвен квалитет, Малта може да се пофали и со висококвалитетни вински сорти кои вклучуваат Каберне Совињон, Мерло, Шардоне, Мускат и многу други.

Виното ни е познато и често користено, но гладот по вкусовите од татковината македонците го задоволуваат во повеќе ресторани.

Во Малта има многу македонски ресторани каде што се нудат традициналната плескавица, ќебапи, тавче гравче, шопска салата, тиквешко вино и ракија.

Но разликата од дома е што тавче гравче и шопска салата се макаат и мезат покрај морето.

Интересната биографија на Малта

Нејзината територија е поделена на неколку острови и островчиња, но само три се населени – Малта, Гозо и Комино. Најголем дел од населението на Малта се малтежани, а најголемото малцинство што ја населува се Британците, па не е чудно што покрај малтешкиот, официјален јазик во земјата е и англискиот.

Токму крстоносците од редот на Свети Јован, денес наречени Малтежани, ја направија Малта своја база на нивниот пат кон Светата земја, кон Ерусалим.

Малта е христијанска земја, а римокатолицизмот е државната религија на земјата. Неколку цркви се наоѓаат во пештери, а неизбежен средновековен аџилак за многумина е пештера во градот Мелиеха.

Еден од факторите што ја става Малта пред многу други туристички дестинации лежи во многу поволната медитеранска клима, која го фаворизираше изобилството на зеленило распространето по полињата на островот и бројните ридови. Најубавиот поглед на Малта доаѓа од нејзиниот највисок – 253 метри висок врв Та’Дмејрек на планината Дингли.

А самиот архипелаг е богат со пчели кои произведуваат уникатен и препознатлив вид мед во светот.

Иако е земја со мала површина од само 316 километри квадратни, Малта е богата со различни атракции кои е задоволство да се истражуваат без оглед на времето поминато на неа.

Мартин Николовски

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

„Вреди“ нема да тргуваат со гласовите на гласачите, ДУИ градат конечен став

Дејан Дејан

Гир: Првиот круг од изборите мина во, генерално, мирна и демократска атмосфера

Дејан Дејан

Гир: Првиот круг на изборите, генерално, мина во мирна и демократска атмосфера

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе