Вести Македонија

Како изгледа бирократско „убиство“- 19-годишниот Мемет почина без здравствена книшка, а државата прави ДНК анализа за да го предаде телото за погреб

(фотографии во текстот се преземени од „Лице В Лице“)

Кога пред 11 години, далечната 2012-та малиот Мемет Камбер се појави во Дневниот центар за деца од улица, никој не ни претпоставуваше дека системот во кој сакал да се вклопи ќе го отфрли и ќе му напише неверојатно сценарио со трагичен крај.

Мемет Камбер роден во 2004-та, почина на 24-ти мај, минатата недела поради сериозни компликации предизвикани од неоткриен дијабет. Мемет заминува во болница со туѓа здравствена книшка бидејќи во тажниот сплет на неговата приказна, државните институции воопшто не му издале лична карта стриктно почитувајќи ги правилата за ова момче кое се обидувало да ја смени својата судбина.

Мемет Камбер со години преку Дневниот центар за деца од улица учествуваше во програмата Лице в лице и како уличен колпортер ги продаваше изданијата на истоименото списание за одржлив развој по скопските улици пред се во Центар и во Карпош. Покрај тоа што заработуваше од продавањето, се обидуваше да се приспособи на системот и да влезе во него, за да најде работа.

-Мемет навистина имаше една посебна енергија, секогаш насмеан и расположен, културен и скромен. Многу сакаше музика, а посебно рап. Често ни пееше во канцеларија и имаше желба некогаш да сними и негова песна. Го вклучивме два пати во процесот на социјално менторство, токму затоа што го препознавме неговиот потенцијал, но и желба и упорност да го промени неговиот живот на подобро, ни рече неговата социјална менторка Магдалена Чадиноска Кузманоски.

Со многу маки Мемет успеал да добие извод од матична книга на родени, во кој била заведена единствено неговата мајка со која со години не се гледал. Го чувале најблиските роднини на мајката, а во графата на изводот за татко било празно место.

Со помош на своите ментори и на своите пријатели се убедувал да ги убеди институциите и бирократијата дека има право и на документи.

Лична карта како невозможна мисија

Сакал да извади и лична карта и здравствена книшка за да влезе во системот и да може да живее нормално, ама бирократијата била без емоции и чувства, за разлика од неговите социјални ментори кои за Телма раскажуваат за загубата.

-Ќе бидам искрена и емотивна и ќе кажам дека се уште не можам да верувам дека го нема и дека нема повеќе да соработуваме. Беше на добар пат вештините и работните навики да ги примени и во пракса, но, за жал немањето на лична карта го оддалечуваше од таа намера и желба, ни кажа Магдалена Чадиноска Кузманоски.

Бирократското „убиство“ почнало со одбивањето на надлежните служби да му издадат лична карта. За секој што за првпат вади лична карта, барањето во управните служби на МВР мора да го потпише барем еден родител. А Мемет немал никаков контакт со единствениот познат родител- мајката, немал ниту легален старател, а живеел во заедницата на своите роднини.

Откако првичниот проблем со потпис од родител старател се решил, дошол нов. Бирократијата која е слаба и не смее да каже ниту „почекај“ на моќните партиски структури, децидно му кажала „не“ на Мемет Камбер. За лична карта му барале имотен лист за домот во кој живеел кај семејството на вујко му. А таков документ немало, бидејќи куќата била дивоградба. Поради тоа сосема запрела постапката за личната карта и преку тоа и за здравствената книшка.

– Неопходни се поинакви пристапи за решавање на предизвиците на лицата без документи. Секојдневно во Центарот сведочиме колку нивниот живот добива негативна димензија заради невидливоста што ја имаат. Од различни причини се заглавени во лавиринти, чија безизлезност им ги ускратува остварувањата на најосновните човекови права. Под итно треба да се изнајдат флексибилни спроведливи решенија кои ќе ги стават во целосна функционална рамка и ќе им овозможат користење на различни типови услуги, вели за „Лице В Лице“, Ирена Велкоска, координаторка на Дневниот центар за деца од улица во Шуто Оризари.

На Мемет минатата недела ненадејно му се слошило, во болка и во лоша состојба морал да се снаоѓа со туѓа здравствена книшка, бидејќи бирократијата во државата му оспорила да има таков документ за да може да се лекува. Во тепка сосотојба на крај Мемет е примен на Карил, Клиниката за Анестезиологија, реанимација и интензивно лекување.

– За жал Мемет најверојатно имал дијабет тип 1, кој што се појавува уште во детската возраст. Живеел со хипергликемија долго време, и кога достасала до енормни вредности, донесен е кај нас. Таа гликемија прави растројство на сите системи. Нашето тело работи на PH вредност, нормално е 7,4, тој имаше вредност на киселост 6,8. Организмот не работи во кисела средина. Многу деца и сме ги спасиле во ваква ситуација, но, кај него оштетувањата беа преголеми, раскажа за „Лице В Лице“ Маја Мојсова, анестезиолог на КАРИЛ и директорката на оваа клиника.

Трагична смрт на заборавениот 

Борбата за неговиот живот завршува трагично. Во среда на 24-ти мај тој починува од компликациите. Да дошол на време да се прегледа, лекарите можеле да откријат од што болува и да му помогнат со терапија. Но, Мемет немал ниту книшка ниту лична карта.

-Лута сум на системот, на општеството, но, и на сите нас, што упорно дозволуваме да ни се случуваат вакви грешки. Неговата смрт ме изненади и од причина што барем мене никогаш не ми се пожали на никакви здравствени потешкотии. Токму тој многу често ги носеше неговите блиски од семејството на преглед, а тој всушност бил најболен, а не знаел. За жал прв и последен пат проверил крвна слика дента кога бил примен во тешка здравствена состојба на КАРИЛ. Често пробував да му обрнам внимание дека мора повеќе да се движи и да внимава како се храни, затоа што имаше некој килограм плус, но никогаш не помислив дека ќе дојде до ова…, ни рече неговата социјална менторка Магдалена Чадиноска Кузманоски.

Сепак во системот имало некој што замижил на бирократските пречки. На Клиниката Карил бил примен и со туѓа книшка, но и со вистински идентитет.

– Ние ги примаме сите пациенти. Нас нѐ не интересира дали има осигурување или не, дали е странски државјанин, ниту негова возраст или националност. Во моментот за нас е пациент во животозагрозувачка ситуација. Се бориме за сечиј живот. Имавме пациент кој нема никаква идентификација во земјава, не постоеше едноставно, а фејсбук имаше. Но, тоа понатаму си го регулираат други ентитети. Тоа е грижа на Фондот. Мемет беше граѓанин на оваа држава – потенцира др. Мојсова за „Лице В Лице“.

-Не можам да поверувам и да прифатам дека државата дозволува и тие најактивните што се борат за најосновното право, право на идентитет, да починат и да не го добијат. Мемет беше еден од нив. Младо момче со неполни 20 години, да биде свесен дека единствен начин достојно да живее е да добие документи и од друга страна држава многу повозорасна од него, без таква свесност, ни рече Магдалена Чадиноска Кузманоски.

Таа ни раскажа и како Мемет пред 2 години ги известил за уште една слична трагедија на матурант кој починал без да добие документ.

-Нема да заборавам дека токму тој дојде кај нас во канцеларија да ми каже дека некое младо момче со име Тони Сали, починало без да има документи, за жал, точно две години подоцна истото му се случи и него, раскажува Чадиноска Кузманоски.

По смртта на младото момче Мемет Камбер, бирократијата му приреди и уште еден злосторнички третман. Телото на 19-годишниот Мемет се уште е во капелата во Бутел. Не може да биде предадено бидејќи Мемет немал ниту еден документ за идентификација со сопствена слика во него.

Сега за да биде предадено телото на младата жртва на ова перфектно „бирократско“ убиство, неговите најблиски, вујкото со кого живеел од мал, и братучедите треба да дадат примерок за ДНК анализа за да биде научно утврдени роднинските врски.

Истото тоа се бара од системот кој на Мемет Камбер неколкупати му кажа „не“ и не му дозволи да има права, особено оние најбитните за него, напишани и гарантирани со Уставот, правото на живот и правото на здравствена заштита.

Миомир Серафиновиќ

Еден месец откако почина Управата за матични книги ќе го решава случајот со Тони Сали

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

ФОТО/ВИДЕО: Превртен автомобил на Партизанска во Скопје

Дејан Дејан

Кој со кого ќе коалицира и кои се црвените линии на албанските партии за учество во новата влада

Дејан Дејан

Ковачевски: Разговараме со партии на повеќе нивоа

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе