Македонија Топ вести

Димитров: Бугарскиот меморандум не го негира македонскиот идентитет

Меморандумот од Бугарија воопшто не го негира македонскиот идентитет, вели во интервју за Телма првиот човек на бугарскиот тим во Комисијата за историски прашања, Ангел Димитров. Во пресрет на новата средба на Комисијата која треба да се одржи кон средината на октомври во Скопје, Димитров вели дека додека не се реши прашањето за Гоце Делчев, Комисијата за историски прашања  нема да премине на решавање на друго прашање. Тој е дециден дека националниот идентитет на Гоце Делчев мора да биде определен.

Г-дине Димитров последните три средби на Комисијата завршија без решение околу Гоце Делчев. Доколку и сега нема напредок на оваа средба која ја најавивте, можно ли е да преминете на други историски прашања, а Делчев да го оставите за крај?

– Не  мислам дека можеме да скокаме од минатото за да ги бараме најлесните теми за дискусија. Кога веќе сме започнале, веќе неколку средби по ред, би требало, навистина, да стигнеме до некаков резултат.  Јас не сметам дека е многу тешко.

Од почетокот во Република Северна Македонија се создаде една погрешна претстава дека спориме чиј е Гоце Делчев. Самиот факт дека разговараме за него значи дека ние не бараме некаков поседување, само изнаоѓање на едно коректно објаснување каков е тој како личност, какви се неговите идеи и какво е неговото дело. Така што сето тоа е возможно да се случи.

Македонскиот премиер изјави дека Гоце Делчев е македонски револуционер кој Бугарија го смета и за свој револуционер, бугарски. Прифатливо ли е тоа за вас?

– Тоа звучи интересно. Видете, кога еден човек, една значајна историска личност како Гоце Делчев искажал јасно што е, не е историски коректно со задоцнет датум да се расправа и да бараме некакво објаснување на неговите зборови. Она што мора да се направи е да се објасни на еден научно-коректен начин како тој се формирал како личност, во каква средина, какви идеи, какви насоки историски имал за да стигне до тие идеи, како ги штител во својот живот, за жал краток, и какво е неговото значење за идните генерации.

Но македонскиот дел од Комисијата смета дека не треба да се определува националиот идентитет на Гоце Делчев.

– Видете, ние не го определуваме тоа. Тоа го определува Гоце Делчев. Разбирате? Историјата не може да го определи тоа.

Но македонската страна смета дека за тоа не треба да се дебатира…

– А зошто не треба? Зошто не треба? Видете една историска личност не е некаква аморфна фигура која може погодно да се става од едната или од другата страна на границата. Кога ние ќе се изјасниме каква личност е тој, какви се неговите идеи, какво е неговото дело, сите ќе биде во ред. Јас не можам да разберам што е непријатно и застрашувачко за некого од обете страни.

Добро, но вие како отстапки на што сте подготвени за да се дојде до решение?

Во науката компромиси не се прават. Компромиси се прават во политички разговори, во преговори во политиката. Ние не водиме преговори, ние дискутираме. Тоа што е, условно да го наречеме, компромис, затоа што тоа не е компромис е само почит кон другите, да најдеме таква формулација која што ќе овозможи да биде кажана историската вистина на начин што им овозможува и на двете страни да се чуствуваат добро.

Кога сме кај тоа за двете страни да го прифатат, да се чуствуваат добро со решението, неодамна Бугарија до ЕК упати меморандум во кој го негира македонскиот идентитет. Но сепак неколку истакнати бугарски политичари изјавуваат дека македонскиот нациоанлен идентитет е реалност. Дали може да очекуваме меморандум од Бугарија, во некое догледно време, за признавање на македонскиот национален идентитет и дали тоа би помогнало во работата да се затворат прашањата?

– Според мене меморандумот воопшто не го негира македонскиот национален идентитет. Разликата во односот кон идентитетот е во фазите во кој тој се формира. После 1944 никој не го оспорува тоа што се случило во Вардарска Македонија, она што сега го претставува Република Северна Македонија. Но, подалеку во минатото тоа е веќе спорно прашање, и тоа, секако, не е некоректно од гледна точка и на меморандумот и на бугарската историска наука и на работата на Комисијата.

Но ако во меморандумот стои дека нацијата е формирана вештачки и дека јазикот е дијалект на бугарскиот, сепак тоа не е баш добрососедство и пријателство. Дали вие лично сметате, во 2020 година, дека македонската нација и јазик се вештачки и дека не постојат?

– Видете, вештачки е малку емотивно дефинирање. Вистината е дека се создадени специфични услови во услови на една тоталитарна држава во кои се моделирала една нова свест. Тоа е друга тема. Тоа е многу сложена тема, меѓу другото. И тоа е тема која е историски јасна од гледна точка на развојот на светот од средината на минатиот век, на самиот распад на тоталитарниот систем.

Така што тоа е тема на која може да се дискутира слободно, мирно и без емоции. Што се однесува до јазикот, никој не кажа дека е дијалект на бугарскиот јазик. Научната формулација е регионална пишана норма. Различно. Различно од современиот бугарски литературен јазик, но основата е иста.

Колку се ова ви одмага, овие разлики, да ги затворите историските прашања?

– На мене ништо не ми пречи да ги затвориме. Сметам дека и на колегите не би требало да им пречи ако се однесуваме одговорно кон научните принципи и стандарди.

Тамара Грнчароска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Кој со кого ќе коалицира и кои се црвените линии на албанските партии за учество во новата влада

Дејан Дејан

Ковачевски: Разговараме со партии на повеќе нивоа

Дејан Дејан

Избирачките одбори во дијаспората со скрстени раце

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе