Вести Свет

И хуманитарците немаат веќе храна за прегладнетите Палестинци во Газа- луѓето јадат сточна храна

Прегладнетите Палестинци во северниот дел на Газа, главно деца, чекаа да ги наполнат своите тенџерчиња во импровизираната кујна поставена од волонтери на првиот ден од Рамазан во бегалскиот камп Џабалија. Во големи садови на дрва, волонтерите подготвија моркови и слатки компири, нема месо. Возрасните јадат еден оброк на ден за да ја зачуваат храната за своите прегладнети деца, а користат и сточна храна. Волонтерите апелираат до меѓународната заедница итно да испрати помош за гладните луѓе во северна Газа.

  • Покрај опсадата соочени сме со неухранетоста на почетокот на Рамазан и гладот во северниот дел на Газа, нашите деца не можеа да најдат што да јадат. Нема храна, нема вода за пиење, ни брашно. На сите овие деца им треба храна, финансиска и хуманитарна поддршка. Ги повикуваме сите арапски земји и сите одговорни луѓе – претседателите, официјалните лица и сите со човечка совест, да се грижат за овие изгладнети деца. Немаме што да јадеме, вели Басам ал-Хау, волонтер .

Бродот со хуманитарна помош од Кипар тргна кон Газа. Во првата пратка се предвидени 200 тони храна. Пловидбата треба да го тестира отворањето на поморскиот коридор до регионот во Појасот каде што петмесечната војна меѓу Израел и Хамас предизвика сериозна криза со глад. Во наредните неколку недели, САД планираат да изградат привремено пристаниште во близина на Газа. Според Обединетите нации, четвртина од населението гладува.

На првиот ден од Рамазан, десетици Палестинци во Газа се собраа на ноќна молитва меѓу остатоците од џамиите кои беа уништени од израелските воздушни напади. Од почетокот на конфликтот над 1.000 џамии се срамнети со земја, велат локалните власти, убиени се повеќе од 100 муслимански проповедници, што негативно влијае на верскиот живот во Газа.

Би-Би-Си денеска објави видео од израелската рација минатиот месец на болницата Насер во Газа во која беше пронајдена голема количина оружје, но на снимките се гледа како Палестинците се тортурирани со врзани очи, со рацете на тилот и принудени да се соблечат. Иако израелската војска негира дека медицинскиот персонал бил тортуриран, дел од лекарите раскажуваат за понижувањата и тепањата.

Весникот „Политико“, повикувајќи се на американски извори, објавува дека претседателот на САД Бајден размислува за условување на воената помош за Израел доколку земја изврши голема инвазија на Рафа, во Појасот Газа.

Израелската војска, пак, денеска објави видео за кое тврди дека покажува трупи кои таргетираат ракетни фрлачи во Либан, кои биле користени за истрелување проектили кон Израел. Околу 100 проектили биле лансирани од Либан во Израел, и овој напад се смета за еден од најтешките од северниот сосед на Израел од почетокот на војната со Хамас во Газа.

Билјана Ставрова

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Нов тарифник за враќање на старите цени или поскапа полиса за авто осигурување – одлуката утре

Дејан Дејан

Над 800 лица се заразени со норовирус на фестивал во Германија

Дејан Дејан

Македонија одбележува 23 години од масакрот кај Вејце, еден од најкрвавите и најбрутални во поновата историја на земјата

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе