Вести Свет

Беспилотно летало за два дена втор пат погодува иста зграда во Москва

Втор пат во два дена истиот облакодер во Москва беше погоден од бесполотно летало. Русија веднаш обвини дека станува збор за нов украински терористички напад, додека пак Киев, како и досега, не ги коментира овие напади. Руското Министерство за одбрана соопшти дека во раните утрински часови пресретнале три украински беспилотни летала пред Мосва. Две биле соборени од противвоздушната одбрана на руската престолнина, додека третото било урнато со помош на електронски противмерки, и токму тоа го погодило облакодерот во популарната московска населба Москва сити, во кој се сместени дури три руски министерства.

„Неверојатно е што истото место беше погодено по втор пат. Не го очекувавме тоа. Сега, воопшто не сакам да доаѓам на работа овде“, вели Олга, жителка на Москва.

И покрај видливото присуство на руските противвоздушни системи, ваквите напади се случуваат со, за руската јавност, зачудувачка редовност. Портпаролот на Путин, Дмитриј Песков, прашањата за ефикасноста на противвоздушната одбрана ги префрли на експертите од Министерството за одбрана.

„Немам што повеќе да додадам од тоа што Министерството за одбрана веќе го соопшти. Вчера реков дека само армијата може и треба да коментира од гледна точка дека тоа е нејзина експертиза. Секако, закана постои, очигледно е, и веќе се преземаат мерки“, изјави Дмитриј Песков – Портпарол на Претседателот на Руската Федерација.

Преку 120 напади со бесиполотни летала се регистрирани од почетокот на оваа година на руска територија и украинска територија контролирана од руската армија. Најголем дел од нив секако се долж линијата на фронтот и на анектираниот полуостров Крим, но значителен е и бројот на леталата упатени кон Москва, особено за време на пролетните месеци оваа година.

И покрај тврдењата на руската противвоздушна одбрана дека редовно пресретнува украински беспилотни летала, ваквите напади со дронови се исклучително тешки за спречување. Овие летала се изработени од јаглеродни влакна и летаат ниско поради што радарите ретко ги забележуваат, а украинските власти дури започнаа и да произведуваат нови модели со висок домет од дури 1.000 километри.

Ваквите напади веќе стануваат голем проблем за Москва, не само безбедносен, туку и политички. Ако се докаже дека овие дронови полетуваат од украинска територија, тогаш тоа значи дека ефикасноста на руската противвоздушна одбрана не е на нивото на кое Министерството за одбрана тврди дека е. Доколку пак овие летала полетуваат од руска територија, тогаш тоа навестува дека безбедносните служби не знаат што се случува на руска територија.

Игор Трајков

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Герасимовски: Дебар Маало го прослави роденденот на најпознатиот центарец Горан Стефановски

Дејан Дејан

Ахмети: Куќа не се одржува со кредити, ние си обезбедуваме леб со работа, тие што така мислат го видоа резултатот на 24 април

Дејан Дејан

Битиќи: Резултатот е 0:0, сè уште нема победник и поразен, одлуката ќе падне на 8 мај

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе