Вести Свет

Ескобар: Иако не е потпишан, договорот од Охрид е правно обврзувачки и за Косово и за Србија

Договорот постигнат во Охрид меѓу српскиот претседател, Александар Вучиќ и косовскиот премиер, Албин Курти, не се однесува за меѓусебно признавање на двете држави, туку за нормализација на односите меѓу нив, за да не може во иднина проблемот како со регистарските таблички да доведе до поставување барикади и да се заканува со дестабилизација на билатералните односи но и на поширокиот регион, изјави заменикот помошник на државниот секретар на САД, Габриел Ескобар во денешниот прес-брифинг организиран од Стејт Департментот.

Тој прецизираше дека постигнатиот договор, Соединетите држави, но и Европската Унија го сметаат за правно обврзувачки за двете страни и будно ќе ја следат неговата имплементација, независно од тоа дали двете страни потпишале некаков документ, испраќајќи јасна порака до Вучиќ, кој изјавуваше дека тој не потпишал ништо во Охрид, релативизирајќи го исходот со коментарот дека бил постигнат „некаков договор“ и фокусирајќи се пред се на фактот дека треба да се забрза процесот на формирање на ткн заедница на српските општини.

Овој договор е правно обврзувачки за двете страни. Иако не е потпишан, тоа е договор во секоја смисла, рече специјалниот пратеник и прецизираше дека тоа навистина значи – во секоја смисла.

Според него, шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, јасно стави до знаење дека страните се обврзале и дека спроведувањето на договорот ќе влијае на европскиот пат на двете страни.

Договорот е пат кон помирување на Србија и Косово. Важно е да разјасниме како ќе постапат двете страни. Имплементацијата мора да почне веднаш и двете страни ќе имаат корист од тоа. Сметам дека најважни се евроатлантските интеграции. Ќе направиме напредок само ако договорот почне да се применува што е можно поскоро, рече Ескобар.

Ескобар оцени дека за САД исклучително важно е дека договорот бил постигнат во Охрид, подвлекувајќи дека Македонија е пример за функционална мулти-етничка демократија, која го решила и билатералниот спор со Грција, во обид за деблокирање на евро-интегративниот процес, кој како што рече, Соединетите држави силно го поддржуваат, сметајќи дека местото на нашата држава е во Европската Унија.

Никола Илиевски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Герасимовски: Дебар Маало го прослави роденденот на најпознатиот центарец Горан Стефановски

Дејан Дејан

Ахмети: Куќа не се одржува со кредити, ние си обезбедуваме леб со работа, тие што така мислат го видоа резултатот на 24 април

Дејан Дејан

Битиќи: Резултатот е 0:0, сè уште нема победник и поразен, одлуката ќе падне на 8 мај

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе