Вести Магазин Македонија Свет

Руска цензура на Фејсбук во Бугарија, македонските модератори ги бираат во Азија

Руска цензура на Фејсбук во Бугарија, компанијата која ги модерира коментарите негира дека брише анти-руски објави. Која земја во светот ангажира модератори на македонски јазик за ФБ.

Телус е компанија од Канада но распослана низ целиот свет, станува збор за надворешен соработник, outsourcing компанија која се грижи за модерирање на содржините и објавите на Фејсбук и на останатите социјални мрежи на Мета.

Имаат и сопствена фирма во Бугарија, во градот Пловдив, но изминатите два месеци, се под сериозен јавен притисок и обвинувања дека Телус-Бугарија работи во интерес на Русија и ги брише про-украинските објави и коментари од Фејсбук или Инстаграм

На ваква пракса се пожалија и многу уметници и научници од Бугарија кои преку Фејсбук изразиле поддршка на Украина која е под руска агресија. Голем дел од нив не можеле да ги најдат своите коментари или објави на социјалната мрежа.

Истражувачкиот веб медиум bird.bg направи свое новинарско истражување и тврдат дека откриле како зад модерирањето на социјалната мрежа во Бугарија всушност стојат Руси кои преку ФБ креираат големо проруско расположение во земјата која е членка и на ЕУ и на НАТО.  Нивното прашање е што ќе преземе Бугарија за ова нивно откритие.

Како се „блокира“ содржина на ФБ 

Во истражувањето на bird.bg се тврди дека за оваа про-руска пракса имале потврда и од вработени во Телус-Бугарија. Но компанијата негирала и тврди дека нема никакви врски со Русија и дека во Бугарија е да отвори нови работни места во ИТ секторот.

Фејсбук за модерирање на содржините користи софистициран алгоритам базиран на вештачка интелегенција која „препознава“ несакана содржина по што таа се проверува и блокира. Така функционира за големите јазици како што се англискиот, францускиот, шпанскиот, германскиот и останатите, но колку тоа е возможно за помалите јазици како што е бугарскиот или македонскиот.

Во управувањето со содржина МЕТА (сопственик на Фејсбук) користи тројна контрола која се состои од спомнатата вештачка интелегенција, потоа вработени модератори и пријави од корисници (users) на мрежата.

Двете последни компоненти на проверката се всушност контролирани од руски активисти, тврди bird.bg. Кога стотици корисници на ФБ ќе пријават определена содржина како несакана и несоодветна, алгоритмот на Мета ја прогласува за несоодветна и ја блокира. Потоа за истата содржина, алгоритмот креира „тикет“ односно „сигнал“ којшто се применува и во иднина.

„Сигналот“ првин го проверуваат локални вработени кои го знаат и локалниот јазик, во конкретниот случај бугарскиот и англискиот јазик. Тие вршат проверки на содржината и ја прогласуваат за несоодветна, а конечната проверка за блокирање на содржина на ФБ ја носи одговорно лице, во неколку секунди. Одговорниот според истражувањето, вработените го нарекувале „политички комесар“ како во структурата на поранешните комунистички воени единици од Бугарија и Советскиот Сојуз.

Во пракса, „сигналот“ се креира така што определени фрази се ставаат во негативен контекст и автоматски при секоја нивно користење тие објави на ФБ се блокираат без некоја подетална анализа. И така кога стотици профили на ФБ ќе реагираат за нешто, луѓето и „комесарот“ проверуваат и потврдуваат, па мрежата автоматски ги блокира тие „несоодветни“ содржини и во моментот и за во иднина.

Според бугарските истражувачки новинари, тоа се случувало во Бугарија но не преку вистински корисници туку преку илјадници тролови-лажни профили кои пријавувале про-украински објави на ФБ како непријателски и несоодветни, а алгоритмот на социјалната мрежа си постапувал автоматски и ги блокирал и тие и сите наредни со слична содржина.

Бугарски Телус користел малку несигурен метод, односно постапувал по пријави по дефиниција има објави од лоши луѓе за лоши работи. При тоа како негативни се оценувале објави за Русија како терористичка држава, додека биле дозволувани содржини за загинати Украинци и руски ракетни напади врз градинки или цицвилни објекти. Системот за контрола и блокирање на непријатни содржини на овој начин носел лоши резултати спротивни од она за што бил наменет.

Главниот се вика Маја, а во бугарската ФБ шпионска манџа има и човек од Србија

Втората слаба точка на системот на ФБ која била пробиена во Бугарија биле луѓето вработени како модератори. Bird.bg наведува 4-ца вработени во Телус Бугарија кои според нив имале сериозни руски врски или проруски ставови. Ги нарекува „меринџеи“ што во бугарски сленг значи „млади надежи“, додека истиот изговор во Америка значи сленг за марихуана.

Модерни и млади, а еден од нив бил дури и син на поранешен агент на бугарската комунистичка тајна служба која што соработувала со Русија односно со тогашниот Советски Сојуз.

Ивелина Јанкова е високопозиционира менаџер за клиенти во Телус Европа Бугарија. Со потекло од Варна, а студирала во Москва на Академија за труд и социјални односи. Јулијан Парвулов е продукт менаџер во Телус, а мајка му е од Русија.

Со нив се поврзани и Борис Коеджиков, син на тајниот бугарски агент „Шандор“ од времето на комунистичка Бугарија кој во Телус Бугарија (надворешен соработник на Фејсбук) е вработен во менаџментот. Во сите слични балкански шпионски приказни има и човек од Србија, односно србинката Зорица Гајиќ која е ќерка на српскиот милионер Мирољуб Гајиќ.

Српскиот бизнисмен има силни врски со партијата БСП, бугарските социјалисти од кои произлезе и актуелниот претседател на Бугарија Радев, а многу партиски функционери уште се залагаат за блиски врски со Русија и по агресијата врз Украина.

Член и протеже на групата „меринџеи“ која од Пловдив ја контролира комуникацијата на бугарски на Фејсбук е и извесен Александар Стојчев кој е од Бургас и кој работел по принципот, две недели на работно место во Телус, две недели на одмор во Русија. Пред 2013-та често престојувал во Доњецк, сепаратистичката област во Украина.

Таканареченото руско одделение го водела извесна персона за која bird.bg  единствено што дознал е дека комуницира со останатите со името Маја.

Откако беше објавена ова истражување на бугарските новинари од бирд.бг, веднаш се појавија анализи дека и претходно автократски или диктаторски режими успевале да ја пробијат заштитета на Фејсбук за модерирање на содржините. Тоа се случило пред неколку години кога Иран плаќал модератори до Германија за да ги задушуваат анти-владините пораки и објави за режимот во Техеран. Добивале по 5 до 10 илјади долари месечно што го додавале на приближно неколку илјади долари плата од Фејсбук.

Скандалот предизвика големо внимание во Бугарија, а бугарското Собрание дури одржа комисиска седница за Телус. Фирмата негираше било каква врска со Русија, а во парламентот дојде дури и засилување од Телус интернешенл, главната корпоративан директорка Мерилин Тајфтинг.

-Во текот на изминатите два месеци, беа изнесени лажни обвинувања против Телус Бугарија, тврдејќи дека компанијата и вработените намерно ја поддржуваат руската влада со незаконско блокирање на корисничките сметки на Фејсбук и отстранување на објави кои ги критикуваат Путин и рускиот режим, додека намерно ја пропуштаат про- руската пропаганда на платформата. Телус Интернешнл нема – и никогаш немала – врски со руската влада,  рече Тајфтинг пред бугарските пратеници пред 8 дена. .

Тајфтинг истакна дека компанијата не ги креира политиките за модерирање содржини туку ги спроведува политиките на своите клиенти (во случајот Фејсбук) во согласност со законите.

Мета, сопственикот на Фејсбук и другите социјални мрежи модерирани од Телус, испратила одговор до бугарското Собрание. Навеле дека имаат сопствен систем за контрола и модерирање на содржините од страна на тимови кои зборуваат на 70 јазици.

Но, проверката на содржината на бугарски јазик е оставена и доверена на тим на бугарски модератори кои имаат доволно јазично знаење за да определат што треба да биде блокирано.

Македонија на ФБ преку Филипини

Прашањето што наводите за бугарската фејсбук цензура го отвараат за нас е дали краците на оваа проруска мрежа се префрлиле и преку границата. Телус Бугарија според достапните информации не е надлежна за Македонија и за проверка на содржините објавени на социјалните мрежи на МЕТА на македонски јазик.

За Македонија е задолжена експозитурата на Телус од далечните Филипини. Тие објавиле два огласи еден во декември и еден уште активен во јануари во кој барале да вработат „Персонализирани интернет проценувачи“ како што е наведена професијата и занимањето за модерирање на интернет содржини.

Телус пак е еден од главните модератори на фејсбук што би значело дека на овој оглас се бара проценувач на содржината на фејсбук објави на македонски јазик.

Платата според огласот е меѓу илјада и три илјади долари, треба да се знае македонски и англиски јазик, не е потребно ни ден работно искуство, но треба да се има вештина за анализа на дигитални податоци.

На крај овој „персонализиран интернет проценувач“ за висока плата за македонски услови, но ниска во шпионскиот свет активен на Балканот, ќе мора да модерира содржини и да спречува „несакани“ сдоржини на Фејсбук, не само за руско-украинската војна туку и за жешките македонско-бугарски односи кои се дел од истиот спектар на хибридни дигитални закани.

А да, на крај и една симболична коинциденција. Телус Бугарија покрај во Пловдив има седиште и во Софија, во Telus tower односно во Телус кулата која се наоѓа на плоштадот Македонија во бугарскиот главен град.

Миомир Серафиновиќ

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

(Видео) „Бисер Балкански“ од грлата на 508 млади полицајци при нивната промоција во Идризово

Дејан Дејан

Долгорочни кредити за нови компании од младите, укинување на данокот за купување на стан во кој живее газдата, 13 пензија – дел од економските мерки на ЗНАМ

Дејан Дејан

Инвестиции од половина милијарда евра, минимална плата од 800 евра – коалицијата „Вреди“ ја промовира програмата „План 2030“

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе