Вести Македонија Топ вести

САД ќе се вклучат во кревање на блокадата од Бугарија, Димитров со став – нема разговори додека има уцени

САД ќе се вклучат во разговорите за надминување на европскиот ќорсокак за старт на преговорите со Македонија, по блокадата од Бугарија. Ова денеска го потврди американската амбасадорка Кејт Мери Брнс, откако новиот американски заменик-помошник државен секретар за Европа, Габриел Ескобар, пред неколку дена изјави дека постојат компромисни решенија за решавање на спорот и оти Вашингтон ќе притиска тоа да се случи.

„Продолжуваме да разговараме со сите партнери, имаме разговор со Владата овде во Скопје, разговори со соседните земји и низ цела Европа да се погрижиме да направиме се што можеме за да го поддржиме движењето на процесот напред. Немам конкретна најава во овој момент, освен да потврдам дека САД ќе се вклучат во ова прашање и во разговорите затоа што сите ја делиме истата визија Северна Македонија да го заземе заслуженото место во Европа и во ЕУ и се надеваме дека тоа ќе биде бргу“, рече Брнс.

Во меѓувреме релациите Софија – Скопје остануваат замрзнати и без поместување. Тоа денеска го потврди вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров, според кого во атмосфера на уцена не може да има поместување во разговорите.

„Големиот проблем за напредок во разговорите е атмосферата на уцена. И македонскиот народ и бугарскиот народ и многу други балкански народи имаат една изрека, ‘со сила нема убавина’. За вистинска блискост и вистински напредок не може да стане збор ако опстане оваа атмосфера на уцена“, повтори неколку пати Димитров.

Според Димитров односите меѓу двете земји се изместени, бидејќи Софија го прекршила членот 2 од Договорот за добрососедство, со кој се обврзала да и помага на Македонија на европскиот пат, а всушност двапати ја блокирала и проблематизирала внатрешно прашање на земјава – македонскиот јазик.

„Во таа смисла овие чекори го направија искрениот дијалог тежок. Тоа е главниот проблем“, изјави Димитров.

Реакција на барањето од Софија за бришење на „бугарски“ пред фашистички окупатор во Втората светска војна како еден од бугарските условите таа да се премисли за европскиот пат на земјава, стигна и од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

„Ние не сме Талибанци да бришеме историски факти и веднаш при промената на власта, ќе ги вратиме тие факти како што ги признава светската историја. Тие биле фашисти, ние сме се бореле против тие фашисти и наместо да бараат да бришеме учебници, треба да дојдат и да му се извинат на овој народ“, изјави Мицкоски.

Пораката на Мицкоски до Заев според кого бришењето на бугарски преда фашистички окупарот во учебниците е политичка одлука за намалување на иредентизмот и провокациите кон Бугарија, е тоа тој да им го објасни на наследниците оние кои ги загубиле животите во Треблинка дека таму не ги испратил бугарскиот фашистички окупатор.

Тамара Грнчароска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Тодоров: СДСМ покажаа епохална неспособност за нормално функционирање на државата

Дејан Дејан

ОДИХР со позитивна оценка за изборниот процес сепак имаат забелешки за негативната кампања

Дејан Дејан

ДИК: Нема да има прегласување на трите гласачки места во Куманово

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе