Вести Македонија Топ вести

Најчевска во „Вин-Вин“: Претседател Албанец е тема од партии кои не можат да понудат ништо ново, тема за „палење“ на сите за дефокусирање од проблемите

Секоја расправа која е поврзана со менување на уставот е легитимна. Јас сум и за расправи, и за дебати и за анализи за решенијата кои во моментот постојат во уставот и кои што биле дадени во еден многу транзиционен, преоден, период. Дел од нив биле конјуктивно ставени, со цел да се одговори на она што биле предизвици во тој момент, истакна универзитетска професорка Мирјана Најчевска во вечерашната дебата во „Вин-Вин“ на ТВ Телма на тема дали изборот на претседател да се прави на непосредни избори или во Собрание.  

„Јас од секогаш сум била, и тогаш кога се пишуваше овој Устав, за еден друг приод, за граѓански дефиниран Устав, во кој мултикултурноста, етничката и националната припадност ќе бидат дел од она што претставува приватна сфера, а уставот ќе се бави со граѓанинот како индивидуа која на различни начини може да учествува во процесите на управување“, вели Најчевска.

Ако бил избран таков модел, нагласува Најчевска, не би бил лош од аспект на она што претставува балансирање на различните видови на власт, посебно меѓу парламентот и извршната власт, со додавање на дел на извршната власт кој би имал некој вид на супервизија, суперконтрола над она што претставува законитост во работењето, а кој што ќе биде избран од самите граѓани и тоа, според неа, би му ја давала граѓанската димензија.

„Ако се влезе во такви расправи, тие треба да почнат од научната фела, од стручната фела, па постепено да се доаѓа до политичките решенија. Тоа што во овој момент се поставува ова прашање воопшто не е ниту политички, ниту некој идеолошки интерес. Тоа едноставно е начин за дефокусирање на вниманието на луѓето, на граѓаните, на гласачите од она што претставуваат горливи проблеми во државата“, смета Најчевска.

Сега, додава таа, „има партии кои не можат да понудат ништо ново, не можат да понудат решенија, не можат да се пофалат со нешто направено, со направени вистински, суштински промени.

„И во тој момент тие гледаат да смислат некоја горлива тема, тема која што ќе ги запали сите и сите ќе зборуваат за тоа, нема да зборуваат за дека ДУИ за сите овие 20 години обезбеди албанското образование да биде драстично полошо од образованието на децата на македонски јазик. Нема да се зборува за тоа дека ДУИ ништо не направиле за она што претставува здравствена, социјална заштита, владеење на правото, подигнување на свеста на граѓаните за нивно учество во процесите на одлучувањето, туку сите одеднаш ќе зборуваат само за тоа – „сакаме претседател Албанец, ајде, ура“ и автоматски ја постигнале својата цел да не се гледа нивната лоша работа, да не се гледа сето она трагично што го направиле за целокупната држава и посебно за албанската заедница во Македонија, туку да се зборува само на оваа тема“, рече Најчевска.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Со лажни дијаманти измамил српски државјанин и му зел пари

Дејан Дејан

Парламентарни избори 2024 – изборна хроника 27.04.2024

Дејан Дејан

Пендаровски: Истите луѓе кои упаднаа во Собрание, сега бараат власт, нивната кандидатка за претседател најавува нивна амнестија

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе