Вести Свет Топ вести

Хамас ослободи две американски државјанки од заложништво

Хамас соопшти дека пуштил две заложнички, мајка и ќерка, американски државјанки од хуманитарни причини. Како што објави израелскиот весник Харец, нивното ослободување е со посредство на Катар. Веста ја потврдија и од канцеларијата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху. „Си-Ен-Ен“, пак, повикувајќи се на извор кој е запознат со преговорите, јави дека мајката била во многу лоша здравствена состојба и оти заедно со нејзината ќерка се предадени на Црвениот крст.

Засега не е познато дали двете американски државјанки од Газа ќе влезат во Израел или во Египет. Станува збор за Џудит Ранан и нејзината 17-годишна ќерка Натали, двете од Чикаго, кои завршиле во заложништво додека биле во посета на роднини во кибуц во јужен Израел. Во објавата на Хамас се додава дека 200 луѓе се во заложништво на групата и уште 50 на други вооружени групи во енклавата, но и дека 20 се убиени во израелските воздушни напади, без притоа да дадат повеќе детали.

Во меѓувреме, египетски работници работат на поправање на штетата на преминот Рафа, направена од израелското бомбардирање во изминатите денови, за влез на дозволените 20 камиони со хуманитарна помош во Газа. Американскиот претседател, Џо Бајден изрази уверување дека оштетениот автопат наското ќе биде асфалтиран за помошта за цивилите да може да влезе во енклавата за најдоцна 48 часа.

Агенцијата за палестински бегалци при ООН ги опиша условите во Појасот Газа како пеколни, откако Израел го стави регионот под опсада по големиот напад на Хамас на 7 октомври, прекинувајќи го снабдувањето со струја, вода и гориво. СЗО предупреди дека во моментов во Газа се дистрибуираат само три литри вода по глава на жител дневно, а минималната дневна потреба од вода за пиење, лична хигиена и готвење изнесува најмалку 100 литри.

„Нема бензин, нема гас, нема дизел, ништо нема. Луѓето готват на дрва, се вративме во каменото доба“, вели Џихад ал Серки, жител на Газа.

И додека западот се обидува да спречи проширување на овој конфликт, страдањата на Палестинците во Газа продолжуваат. Израел продолжува да бомбардира цели на Хамас, а во тие воздушни напади досега загинаа повеќе од 3.700 лица во Газа, откако Хамас го изврши досега најголемиот напад во Израел на 7 октомври, убивајќи 1.400 лица а околу 200 цивили и војници беа земени како заложници.

Сашко Димовски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Со лажни дијаманти измамил српски државјанин и му зел пари

Дејан Дејан

Парламентарни избори 2024 – изборна хроника 27.04.2024

Дејан Дејан

Пендаровски: Истите луѓе кои упаднаа во Собрание, сега бараат власт, нивната кандидатка за претседател најавува нивна амнестија

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе