Вести Свет Топ вести

Подгответе се за влез во Газа, наредбата наскоро – израелскиот министер за одбрана со порака до пешадиските сили

Бидете подготвени за влез во Газа, наредбата ќе стигне наскоро, порача израелскиот министер за одбрана, Јоав Галант при денешната посета на пешадиските единици кои се распоредени на границата со палестинската енклава. Притоа истакна дека кампањата ќе биде долга и тешка, на војниците им нагласи дека ќе мора да бидат презицни, остри и смртоносни, но предупреди дека ќе се плати и цена за целосно завршување на мисијата. Посетата на Галант на израелската пешадија на границата со Газа доаѓа по 24 часа од престојот на американскиот претседател Џо Бајден во Тел Авив.

Израел, во меѓувреме, продолжи со обемните воздушни напади врз Газа. Светските медиуми, повикувајќи се на извори блиски до палестинската милитантна група, објавија за неколку убиени водачи на Хамас во изминатото деноноќие. Меѓу нив и шефот на безбедносните сили, како и целата негова фамилија, вдовицата на коосновачот на организацијата, како и првата жена која беше избрана во политичкото раководство на Хамас.

Жестоки судири се водат и во Западниот брег. Шест лица загинаа во судирите со израелските сили кои, пак, соопштија дека во спроведените рации се уапсени над 80 осомничени лица од кои „63 терористички оперативци на Хамас“.

И додека се чека на знак за почеток на израелската копнена офанзива, стотина камиони со медицински материјал и опрема и хуманитарна помош се натоварени и се наоѓаат на преминот Рафа, во очекување на зелено светло за влез во појасот Газа.

Израел вчера се согласи да дозволи достава на помош преку Египет, но само на 20 камиони со храна, вода и лекови. Помош за Газа преку израелска територија нема да има се додека Хамас не ги ослободи сите 203 заложници, е првиот условот кој Тел Авив го постави, а наиде на критики од Обединетите нации кои предупредија на двата милиона жители од Газа итно им се неопходни најмалку 100 камиони хуманитарна помош.

И додека хуманитарната помош за Газа се собира во Египет, сѐ уште нема прецизни информации кога ќе биде дозволено да влезат. Оштетената инфраструктура е еден од препреките пред нејзиното доставување, а дополнителен проблем пак е и вториот услов на Израел, дека таа не смее да падне во рацете на Хамас. 2,1 милион Палестинци во Газа се надеваат дека таа ќе пристигне пред за многумина од нив да биде предоцна.

Сашко Димовски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Со лажни дијаманти измамил српски државјанин и му зел пари

Дејан Дејан

Парламентарни избори 2024 – изборна хроника 27.04.2024

Дејан Дејан

Пендаровски: Истите луѓе кои упаднаа во Собрание, сега бараат власт, нивната кандидатка за претседател најавува нивна амнестија

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе