Вести Свет Топ вести

Бројот на жртви од поплавите во Грција, Бугарија и Турција се искачи на 15

Бројот на жртви од поплавите во Грција, Бугарија и во Турција се искачи на 15, додека над 10 лица се водат како исчезнати. Надојдените води отсекоа најмалку три села во централна Грција од останатиот дел на земјата, во неколку е во прекин снабдувањето со електрична енергија. И натаму во прекин е сообраќајот по дел од патиштата, а службите примија и дојави за урнати куќи, како и апели за спасување оти жителите во дел од погодените региони се соочуваат со недостаток од вода за пиење. Според грчките власти досега се евакуирани 885 граѓани, а во операциите се вклучени и хеликоптери и чамци на армијата.

Бурата „Даниел“ донесе над 800 литри вода на метар квадратен за нешто повеќе од два дена во централна Грција, количина што е поголема од годишниот просек на врнежи во регионот. Грчките медиуми јавуваат дека тесалиската рамнина е претворена во езеро, а најпогоден е градот Кардица и околните населени места, каде луѓето денеска побараа спас од надојдената вода со качување на покривите од своите домови.

Грчките власти потврдија дека се води потрага по неколку лица, меѓу кои и штотуку венчан пар од Австрија кои биле на меден месец во Грција. Тие одлучиле од бурата да се засолнат во вилата која ја изнајмиле во Потистика, но таа била однесена од надојдената вода.

За разлика од Грција, каде што дури доцна попладнево се очекува да се намали интензитетот на врнежи, ситуацијата се нормализира во Бугарија и во Турција. Започната е санација на штетите, се расчистуваат патиштата, а до отсечените населени места ќе бидат поставени понтонски мостови. Бугарските власти започнаа со испуштање на водата од две вештачки езера во близина на Царево, откако било регистрирано оштетување на насипите. Во исто време продолжува и евакуацијата на 4.000 странски туристи во трите погодени земји од бурата „Даниел“.

Сашко Димовски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Со лажни дијаманти измамил српски државјанин и му зел пари

Дејан Дејан

Парламентарни избори 2024 – изборна хроника 27.04.2024

Дејан Дејан

Пендаровски: Истите луѓе кои упаднаа во Собрание, сега бараат власт, нивната кандидатка за претседател најавува нивна амнестија

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе