Вести Свет

Четврта жртва од невремето во Словенија, Белград погоден од силен ветер и град

Безживотно тело на маж е пронајдено денеска на неколку стотини метри од куќата во која живеел на брегот на Сава во Томачево, недалеку од Љубљана.

Според првичните информации, се претпоставува дека мажот загинал во поплавата, пренесуваат локалните медиуми.

Полицијата изврши увид и продолжува со истрагата за да се утврдат околности на несреќата.

Ова е четврта регистрирана жртва во невремето кое ја погоди земјата од четвртокот вечерта и кое се уште трае.

Речиси две третини од земјата се под вода, а властите побараа помош од механизмот на европската унија за кризна состојба. Словенечките власти велат ова е катастрофа од библиски размери.

Размерите на поплавите се катастрофални. Бараме секаква помош што би можеле да ја добиеме. Би сакал да кажам дека ситуацијата во областа е ужасна во однос на инфраструктурата особено, и би сакал да ги повикам луѓето да останете во затворени простории уште неколку часа. Не шетајте надвор, не талкајте на отворено, особено таму каде што работите сè уште не се поправени, изјави Роберт Голоб премиер на Словенија.

Во изминатите 12 часа ситуацијата беше полоша од сите предвидувања. На некои места паднаа и над 200 литри вода на квадратен метар, што е рекорд откако се прават вакви мерења.

Споредбите кои се прават се дека за 24 часа во земјата наврнал дожд колку за цел еден месец.

Поројните дождови предизвикаа невидени поплави и лизгање на земјиштето во делови од земјата, што пак блокираше или уништи голем дел од патиштата во земјата.

Од светот целосно е отсечено општината Чрна Накорушка каде војската со хеликоптер доставува храна и вода. Почната е и евакуација на населението.

Попладнево пак нуклеарната централа Кршко го укина нивото на опасност со најава дека повеќе не е загрозена.

Во Дравоград имаше апокалипса од библиски размери. Немаме патни контакти со светот, патот до Марибор е затворен. Во Словењ Градец се урна нашиот мост на главниот пат. Исто е и со патиштата кон Преваље, Межица, Црна Тие места се отсечени од светот, вели Антон Прексавец, градоначалник на Дравоград.

Невремето попладнево се симна и во Хрватска, а ја зафати и Србија.

Во Хрватска од утрово на сила е жолт метео аларм за целата територија.  Нивото на водата на реките низ Хрватска бележи благо зголемување и покрај бранот кој пристига од Словенија.

Сава во некои делови се излеа од коритото, но се чини дека врвот на водениот бран се уште не е поминат.

Денеска околу 14 часот и Белград беше погоден од силно невреме пропратено со силен дожд, град и силни налети на ветер, а центарот на главниот град е потопен под вода.

Силниот ветер корнеше дрвја, кршеше прозори и туркаше контејнери. Град паѓаше во времетраење од 10 минути со големина на орев.

Александар Петрески

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Над 100 уапсени низ САД – се шират пропалестинските протести на американските универзитети

Дејан Дејан

Ковачки пред велешани: Реконструкција на пругата кон Кочани, електрификација на железничката линија за Битола

Дејан Дејан

Му платила за дрва, дрва не добила – кумановка измамена за 6.000 денари

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе