Култура

Јелена Лужина: Со поемата „ Нова Атлантида“, Петре Бакевски влезе во редот на македонските книжевни класици

  

Во присуство на членовите на семејството, многубројни познати писатели и новинари, пријатели, соработници и почитувачи на творештвото на истакнатиот македонски писател Петре Бакевски, во галеријата на Младинскиот културен центар беше промовирано неговото последно дело – „Нова Атлантида“. Книгата е во издание на „Арс Либрис“, што е дел од „Арс Ламина – публикациите“, е вброена во едицијата „Македонски книжевни класици“.

Станува збор за последната книга на којашто Бакевски работел пред својата смрт во 2011 година. Изданието е составено од три пеења: „Бротче од хартија“, „Ecce homo“ и „Јазол од ветрови“. За првиот дел, првично објавен во 2008 година, Бакевски е добитник на наградата за најдобра поема „Григор Прличев“. Авторот подоцна се посветил на создавање на другите два последователни дела, кои се заокружени во една целина под насловот „Нова Атлантида“. За првпат, ексклузивно, од печат излезе комплетираното дело со сите три пеења. Уредник е Томе Силјаноски, а поговорот го напиша театрологот Јелена Лужина.

Таа нагласи дека „Нова Атлантида“, треба да се смета за последната авторска книга на Бакевски. Првата негова дебитантска поетска збирка „Пат до летото“, е објавена пред половина век- 1972 година.

  • Се обидов, деновиве, бегло да ја сумирам авторската библиографија на Петре Бакевски и дојдов до податок дека неговото творештво вклучува најмалку 64 единични наслови и уште 20-тина антологии и зборници. Бакевски со децении беше уредник на културната рубрика во весникот „Вечер“, потоа главен уредник во забревтаната издавачка куќа „Детска радост“, а потоа, до смртта, беше фриленсер… Се прашувам, добога, во кој временски меѓупростор успевал да ја изнапише таа своја обемна, кадарна, ретко сериозна и мултижанровскa лична библиотека? Таа импресивна низа од стотина единечни наслови меѓу кои – тврдам! – има најмалку десет апсолутно антологиски/севременски книги. Каков élan vital го движел и го одржувал тој необичен човек, фантаст и идеалист? Петре В. то ест Петре Велики! Така го викав, со години, по рускиот император кој од мочуриштето, „среде ништо“, молскавично ја изградил престолнината, најубава на светот. Како што и тој, Петре В., „среде ништо“, во деведесеттите години на минатиот век – успеал да ја создаде успешната издавачка куќа „Детска радост“… Дали, во оваа наша мала, инертна и традиционално сеирџиска средина, некому некогаш ќе му текне да ја состави интегралната библиографија на сите изданија испечатени во мандатот на Петре Бакевски и со неговиот главноуреднички потпис, кажа Лужина.

Не само заради Бакевски и неговиот значаен влог во историјата на македонското издаваштво, несомнено капитален, туку заради статусот и историјата на македонското издаваштво, продолжи таа.

  • Знам, хронично си страдаме од краткото ни паметење – Чернодрински вели „од глаата си патиме“… – а умееме да бидеме и мошне инертни, дури и рамнодушни кон сериозни и вистински големи теми. Ќе поднаучиме ли, некогаш, дека кон некои луѓе сепак имаме и некој колективен долг, пред сѐ морален?… Искрено се радувам што, токму со оваа, вибрантна, речиси тестаментарната триделна поема – „Нова Атлантида“, Петре Бакевски полноправно влегува во ешалонот на македонските книжевни класици, не само во едицијата „Македонски книжевни класици“, втемелена од „Арс Ламина“, дополни Лужина.

Новинарот Ерол Ризаов истакна дека со Бакевски се познавал повеќе од 40 години и дека тоа познанство „сѐ уште трае“, и по неговата смрт(2011 година).

  • Секогаш кога ме јадат некои јанѕи, посегнувам по неговите дела. Со годините неговите раскази и песни не се менуваат, туку се продлабочуваат, за да добијат, на крајот, една димензија на смирување. Неговите творби се универзални. Не се напишани тукутака, тоа се длабоки мисли. Како автор, но и како уредник, беше пред своето време. Објавуваше изданија, кои можеби денес би се сметале за ерес… Во издавачката куќа, која ја водеше со години, на катот од неговата канцеларија секогаш вриеше од луѓе: се разменуваа мислења, идеи, соработки… Претпоставувам дека се објавија преку илјада наслови… Се паметат и промоциите во негова организација – тие беа грандиозни, беше чудо како беа испланирани и направени, се потсети Ризаов.

Тој евоцираше спомени од едно заедничко патување во Истамбул.

  • Се сеќавам, бевме на едно заедничко патување во Истанбул – град во кој Петре често одеше и од кој беше фасциниран. Посетивме еден кварт со многу кафеани и со необично име „Песочна капија“. Се интересираше зошто така се вика местото. Но, не знаев да му објаснам. Потоа ги разгледуваше уличките и ме прашуваше да му преведам што значат нивните имиња. Посетивме една уличка близу главата авенија. Таа се викаше „Улица на Стариот цвеќар“. Интересно е што, на таа улица, во една куќа, е роден нашиот голем поет Матеја Матевски. Тогаш Петре кажа нешто што сѐ уште го паметам: „Па, има ли нешто поубаво во светот, на улица со такво име да се роди поет?…“ На враќање од Истанбул Петре ми посвети една песна – „Песочната капија на Стамбол“. Кога ја читав песната – сфатив што е поезија. Како сите тие разговори, сите тие мириси, чувства, сето тоа што го видовме во Истанбул го претворил во песна. Е, тоа е уметност! Тоа е литература! Тоа е нешто што ме освои кај овој човек, дополни Ризаов.
© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Со отворањето на изложбата на писателката Дубравка Угрешиќ, „Црвеното училиште“ започнува деветтото издание на КРИК

Дејан Дејан

Шекспир и Сервантес во фокусот на Денот на книгата во Скопје – предавања на евроамбасадорот Гир и шпанскиот амбасадор Гарсија на Филолошки

Дејан Дејан

Дали читањето на книги е сѐ уште во секојдневната рутина на човекот?

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе