Вести Македонија

Бектеши: Историјата да се тргне настрана, да најдеме заеднички решенија во интерес на сите

Сите земји кои се присутни на овој Министерски состанок се исправени пред воената агресија која се случува во срцето на Европа и која предизвикува огромни штети за сите, порача во своето обраќање министерот за економија Крешник Бектеши на денешниот Министерски состанок за Регионална соработка за енергетска безбедност, диверзификација и зелена транзиција што се одржува во Софија.

На министерскиот состанок, министрите на земјите од регионот со претставници од Европската унија разговараа за енергетската безбедност, потребата за итна реакција во нарушувањето со снабдување со енергенси како резултат од кризата во Украина, декарбонизацијата и зелената транзиција, како и за формирањето на првата регионална платформа на ЕУ за набавка на гас во рамки на сеопфатната платформа на ЕУ.

Северна Македонија е мала земја на Балканот, но ние сме вклучени во сите регионални иницијативи со цел да обезбедиме сигурност во набавката на гас за земјата, но и диверзификација на изворите на снабдување со енергенси. Сите сме исправени пред тешки одлуки во ова тешко време, но тешките времиња носат напредок, рече Бектеши во обраќањето.

Тој се заблагодари на поддршката на ЕУ со која изминатите години се работеше заеднички на реформите во енергетскиот сектор во Македонија со цел изградба на нови интерконектори и поголема поврзаност на мрежата не само во регионот, туку и Европа.

Главната цел за овие инвестиции за регионално поврзување на енергетските системи и диверзификација на енергетските извори е поголема конкурентност на нашите економии и пониски цени на енергенси. Во моментов во финална фаза е почетокот на изградбата на интерконекторот со Грција, а во преговори сме со Бугарија за изградба на уште еден интерконектор кај Струмица. Во моментов се снабдуваме со гас само од еден гасовод со Бугарија со гас од Гаспром. Со новите интерконектори ќе ја намалиме зависноста на гас од Гаспром, потенцира Бектеши.

Порача дека историските прашања треба да се тргнат на страна и да се носат решенија во интерес на сите.

Регионот произведува многу историски прашања и во овие тешки времиња неопходно е да се тргне историјата настрана. Ве повикувам сите на солидарност заеднички да изнајдеме решенија кои ќе бидат во интерес на сите земји, посочи Бектеши.

На Министерскиот состанок за енергетика во Софија беше формирана новата регионална платформа на ЕУ за набавка на гас откако Гаспром прекина да ја снабдува Бугарија. Оваа платформа ќе ги вклучи и земјите од Западен Балкан.

Новата регионална платформа во рамки на сеопфатната платформа на ЕУ има за цел да се справи со регионалните потреби за гас и струја, инфраструктурата, цените и намалувањето на зависноста од руските извори на енергија. Софиската платформа ќе ги координира плановите во регионот, меѓународните набавки, залихи, поврзаност и со тоа ќе придонесе за енергетска безбедност во регионот.

На Министерскиот состанок кој е во организација на Министерството за енергетика на Бугарија, покрај министерот Бектеши и домаќинот, министерот за енергетика на Бугарија, Александар Николов учествуваа и Дите Јоргенсен, генерален директор на Директоратот за енергија на Европската комисија (ДГ ЕНЕР), Константинос Скрекас, министер за енергетика и животна средина на Грција, Виргил Даниел Попеску, министер за енергетика на Романија, Зорана Михајловиќ, вицепремиер и министер за рударство и енергетика на Србија, Парвиз Шахбазов, министер за енергетика на Азербејџан, Герман Галушченко, министер за енергетика на Украина, како и Алпарслан Бајрактар, заменик-министер за енергетика и природни ресурси на Турција.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Над 10 загинати Палестинци, меѓу кои се осум се деца – биланс од ноќните израелски воздушни напади во Појасот Газа

Дејан Дејан

Извадоци од негови драми, музика на „Леб и сол“ – различни генерации на роденденот на Горан Стефановски во Дебар Маало

Дејан Дејан

Менаџментот на клиниката да го реши проблемот – ДСИ најави контрола на Токсикологија за поплавата

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе