Вести Економија Топ вести

Новиот еколошки данок вметнат во ребалансот на буџетот

Еколошката такса влезе во ребалансот на буџетот. Иако Министерот за финансии Бесими не сакаше да прецизира дали со ребалансот е воведен и нов данок и тврдеше дека се уште се размислува за воведување на еколошка такса за горивата – сепак Владата годинава планира да ја полни државната каса и од овој нов данок. Конкретни пресметки во ребалансот колку пари ќе се соберат од него до крајот на годината – нема. Но само од даноци се планира да се соберат 96 милиони евра повеќе од првичните проекции за годинава.  Предвидени се повеќе приливи кај сите даноци, а ќе има раст и кај неданочните приходи – треба да се соберат 243 милиони евра – или за 21 милион евра повеќе од првичниот план.

 Главни приоритети во областа на даночниот систем се праведност во оданочувањето, поголема ефикасност и ефективност во наплатата на приходите… како и воведување еколошко (зелено) оданочување, со цел стимулирање на даночните обврзници преку јавните давачки да придонесат за помало загадување – стои во ребалансот на буџеот кој стигна пред пратениците.

Нема драстични кратења на непродуктивните трошења како што најави владата. Дури ставките за купување на опрема и машини наместо надолу, одат нагоре. Вкупно за  стоки и услуги државните институции ќе потрошат 218 милиони евра, или 3 милиони повќе. За купување на опрема и машини ќе се потрошат 106 милиони евра или за околу 18 милиони евра повеќе од првичниот план. За мебел се предвидени 3,6 милиони евра или плус 2 милиони евра. А за возила 2,1 милион евра или 280.000 евра повеќе.

Најмногу расте ставката субвенции и трансфери – за 206 милиони евра – од 314 сумата расте на 521 милион евра. Покрај зголемување на субвенциите за јавните претпријатија, за невладините организации, најмногу расте таа за разни трансфери –  од 276 на 473 милиони евра – што е за 197 милиони евра повеќе од првичниот план. За 7 милиони евра се зголемуваат и парите кои ќе се исплатат по извршни исправи од 2,4 на 9,3 милиони евра. Има повеќе пари и за администрацијата.

Најмногу дополнителни пари има кај владата, па буџетот од 112 расте на 233 милиони евра, или плус 120 милиони евра. За пописот Државниот завод за статистика добива 1,5 милиони евра повеќе – или од првично планираните 4,3 со ребалансот се проектирани 5,8 милиони евра.

Со најтешката државна каса до сега, владата планира годинава да потроши  4 милијарди 370 милиони евра, или 345 милиони повеќе од првичниот план. Буџетскиот дефицит ќе достигне 6,5 проценти од БДП и ќе се искачи на 751 милион евра. Ќе се финансира со заеми дома и во странство. Владата е оптимист дека и покрај минусот од 1,9 проценти во првиот квартал, годинава ќе ја завршиме со раст на БДП од 4,1 процент.

Александра Филиповска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

ФОТО/ВИДЕО: Превртен автомобил на Партизанска во Скопје

Дејан Дејан

Кој со кого ќе коалицира и кои се црвените линии на албанските партии за учество во новата влада

Дејан Дејан

Ковачевски: Разговараме со партии на повеќе нивоа

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе