Ковид19 Македонија Најважни

Филипче: Во февруари стартува вакцинацијата со 200.000 кинески вакцини

Со 200.000 кинеските вакцини во февруари ќе стартува масовното вакцинирање во земјава, а во следниот месец ќе продолжи со вакцините на „Астра Зенека“ од каде во март се очекуваат меѓу 25 и 51 илјади вакцини. Во фрижидерите меѓу вакцините на „Синофарм“ и „Астра Зенека“ во истиот период треба да се најдат и околу 13.800 „Фајзер“ вакцини. Од министерството за здравство не сакаат да лицитираат со прецизен датум кога би стигнале вакцините во февруари.

„Ние сме во завршната фаза од преговорите и практично во месец февруари првата количина на вакцини која ќе пристигне во нашата земја ќе бидат кинеските вакцини. Ние практично целокупниот процес на имунизација, согласно веќе подготвениот систем, ќе го започнеме со тие вакцини. Сега не би шпекулирал во однос на точниот датум, меѓутоа за многу кратко време ќе го знаеме и тоа, после што истиот и ќе го објавиме, а ќе пристигнат 200.000 вакцини. Со тоа ќе почне вакцинирањето на сите приоритетни групи“, вели Венко Филипче, министер за здравство.

Договорите со кинеската компанија и со „Фајзер“ се очекува да се финишираат неделава, а Филипче информира дека и двете компании имале идентични барања за да се увезат вакцините во Македонија, но деталите, особено за цената, биле со клаузула деловна тајна.

„И двете компании инсистираат договорите да се тајност“, информира Филипче.

Она што се знае е дека кинеските вакцини во земјава ќе се увезуваат преку директен договор со компанијата, при што целосната логистика околу транспортот на вакцините е обврска на Министерството за здравство.

Од „Фајзер“ пак освен што се чека на драфт договорот за директен увоза на 800.000 нивни вакцини во Македонија до крајот на годинава, од кои 5.800 во февруари, уште се чека и дозволата да се увезат и 8.000 вакцини кои ни ги вети Србија.

Вакцината на „Астра Зенека“ пак во земјава ќе стигнат преку Ковакс механизмот, од каде конечно одоговорот за вакцините стигна вчера.

„Помеѓу 100 и 170 илјади вакцини се предвидени за првите два квартала оваа година. Според нивната најава, количина од 25 до 30 проценти ќе стигне во месец март. А ’Астра Зенека’ веројатно затоа што самиот КОВАКС механизам имал најлесен пристап кон производството на вакцината од ’Астра Зенека’. Очигледно е дека многу потешко е да се стигне до вакцината на ’Фајзер’, согласно капацитетите на производство“, вели Филипче.

И кинеските и вакцините на „Астра Зенека“, како и на „Фајзер“ се вакцини кои се даваат во две дози. За набавка на руската вакцина која е исто така во две дози, засега, немало разговори.

Според Филипче 200.000 кинески вакцини ќе дозволат добар почеток и понатаму стабилен тек на вакцинацијата, за која списоците на приоритетните групи во следниот месец ќе бидат завршени. Досега е готов списокот на здравствените работници и на 14.000 лица од над 70 години, кои ќе бидат повикувани на вакцинација преку  матичните лекари.

За информацијата дека во некои земји вакцината на „Астра Зенека“ не им се дава на лица постари од 65 години, Филипче вели дека тоа се уште не е влезено во официјалното упатство на вакцината и оти ќе се следат насоките на официјалните европски агенции задолжени за вакцини.

Тамара Грнчароска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Кој со кого ќе коалицира и кои се црвените линии на албанските партии за учество во новата влада

Дејан Дејан

Ковачевски: Разговараме со партии на повеќе нивоа

Дејан Дејан

Избирачките одбори во дијаспората со скрстени раце

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе