Вести Македонија Топ вести

Врсничкото насилство добива драматични размери

Петгодишно девојче уште во градинка било изложено на потсмев, затоа што нема татко, шестоодделенка соучениците ја нарекуваат бубалица затоа што многу учела, а две Ромки ја пропуштија матурската забава поради навредите на етника основа од нивните другари. Ова се дел од примерите кои беа посочени на трибината „Не за врсничкото насилство“ што се одржа во Битола.

„Секој не може да се спротистави сам против ова насилство, многу од учениците поради вакви настани не одат на училиште. Но, тука сме да ги охрабриме и да им кажеме на децата дека не се сами. Најчесто немаат поддршка од наставниците, често им велат не е ништо. Но, не е така, така почнува, а  потоа добива многу големи последици“, вели Фатма Бајрам Аземовска, од здружението „Сумнал“ од Битола.

Учесниците на трибината, психолози, наставници и ученици беа едногласни дека на оваа тема треба активно да се зборува, затоа што бројките се алармантни. Истражувањата покажуваат дека дури 42 проценти од децата во Македонија се соочуваат со врсничкото насилство, а во последните години меѓу младите во пораст е сајбер насилството, кое трае 24 часа.

„За разлика од претходно, кога врсничкото насилство беше најактивно во училишните клупи и беше физичко и психичко, сајбер булингот е во моментална ескалација, користењето на тие мрежи се во фокусот на вниманието за вршење на овој тип општествено негативно однесување“, вели доц. д-р Ивона Шушак – Лозановска од Правниот факултет при УКЛО во Битола.

Психолозите велат дека проблемот е повеќеслоен, има многу причини што овој социо-психолошки феномен добива загрижувачки размери.

„Малку време родителите посветуваат со децата, лице во лице со сопственото дете да се разговара  за моралните вредности и норми. Ние тоа како родители знаеме да го кажеме вербално, но заборавме да бидеме пример на нашите деца“, вели Ирена Николовска Ристановска, психолог.

На трибината која ја органзиираше Правниот факултет во Битола  и ротари клубот Пелистер по повод Светскиот ден за превенција од насилство врз децата, учесниците дебатираа за последиците и механизмите со кои децата можат да се справат со врсничкото насилство.

Емилија Мисирлиевски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Наместо бројки, партиите треба да презентираат политики за економски раст, сметаат економските експерти

Дејан Дејан

Велигденски креативи кои ќе ви помогнат да ја разубавите претстојната трпеза

Дејан Дејан

Екстрадиција на Палевски: Кои се процедурите за испорачување на бегалци

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе