Вести Македонија Најважни

И Пендаровски и Силјановска Давкова ќе ги прифатат уставните измени доколку бидат изгласани во Собранието

Доколку собранието изгласа измени на Уставот за впишување на Бугарите во него и двајцата кандидати за претседател на државата кои влегоа во вториот круг од гласањето најавија дека ќе ја почитуваат таа одлука.

Во синоќешното соочување на кандидатот на коалицијата на СДСМ, Стево Пендаровски и кандидатката на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова, потврдија дека таквата одлука на Собранието ќе ја прифатат беспоговорно.

„Било каква измена да биде донесена, во легитимна процедура, вие не моежете да кажете, и како граѓани не можете да кажете ’не го почитувам највисокиот акт на државате’, а не пак како претседател. Тоа е излишно да ме прашувате“, изјави кандидатот на СДСМ за претседател, Стево Пендаровски.

„Ако се случат уставните измени? Се разбира дека јас го почитувам Собранието, тоа е уставотворен орган и не само законодавно тело. Тоа ќе го почитувам. Тоа е темелот на парламентарната демократиј“, е ставот на Гордана Силјановска Давкова, кандидатка на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

Пендаровски и Силјановска во дебатата ги изнесоа и своите ставови околу употребата на уставното име на државата во меѓународните организации, при што Пендаровски е на став дека претседателот на државата е обврзан официјално да го користи името „Северна Македонија“.

„Невозможно е да бидете вие на говорница на Обединети Нации, да бидете во НАТО, бидејќи сме членка таму, да одите во Европска Унија бидејќи сме кандидат кој преговара,  во Совет на Европа, било каде. Значи вие како експерт вие можете што сакате вербално да кажете. Не можете, нема да ви дозволат. Грција, ќе прати прво нота, било кој друг, некој ќе прати нота. Тоа значи блокада и таму, и исфрање од НАТО како организација каде што едвај влеговме и кој ни е многу значаен“, рече Пендаровски.

Давкова пак со став дека ќе го почитува името „Северна Македонија“ односно дека нема да ги отстранува таблите пред неа на кои го пишува тоа име, но оти во говорите ќе го користи името „Македонија“, додавајќи дека е нејзино лично право што ќе користи во говорите. Силјановска Давкова изјави дека ни евентуалните дипломатски ноти од Грција нема да ја одвратат од употребата на името „Македонија“.

Во контекст на Преговараката рамка со Европската унија и условот за уставните измени Силјановска Давкова најави дека како претседателка би ја посетила Бугарија каде би се обидела да објасни дека Преговарачката рамка и Договор за добрососедство се спротивставени.

„Ќе го потсетам прво на Договорот за пријателството и добрососедство, на Преамбулата, ќе го потсетам дека секој договор не е вечен, може да се смени, но исто така ќе го потсетам и на фактот дека Договорот за пријателство и добрососедство е внесен во преговарачката рамка. Во Договорот за пријателство и добрососедство нема ниту еден збор за уставните измени“, е ставот на Силјановска Давкова.

Пендаровски пак за преговарачката рамка вели дека теоретски е можно таа да се смени, но според него ако се влезе во шпекулации што може утре да направат лидерите на Франција или Германија, или која е да друга европска земја, вклучително и Бугарија, е губење време, бидејќи никој не може да знае што може да биде утре. Но во моментов вели Пендаровски, за да продолжат преговорите со ЕУ мора да се исполни условот за уставни измени.

Тамара Грнчароска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

„Пикасо можеби јас“ изложба на македонскиот керамичар Филип Фидановски во Загреб

Дејан Дејан

Посветена работа на заедничкиот регионален пазар согласни шефовите на шесте балкански земји

Дејан Дејан

Сончево и топло со мала до умерена локална облачност, кон крајот на денот локална нестабилност – Временска прогноза за 18.5.2024

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе