Вести Македонија Топ вести

Се враќаат старите цени за осигурување за регистрација на возила

Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност во Министерството за финансии одлучи да се укине поскапувањето на полисите за автоодговорност со што се враќаат старите цени.

Ова е епилогот по денешниот нов состанок во Министерството, откако осигурителните компании самоиницијативно ја поскапеа задолжителната осигурителна полиса за регистрација на возила за 15,4 отсто.

Комисијата предлага измени на Тарифата за премии за осигурување со кои трошоците за вршење дејност на осигурителните компании се ограничуваат на 15 до 30 отсто од техничката премија, со што ќе се вратат старите цени. Конечната одлука треба да ја донесе владата.

Владата ја утврдува техничката премија, но досега немаше горна граница на трошоците за дејност, па осигурителните компании минатата недела ги зголемија.

За возило од 44 до 55 киловати поскапувањето беше околу 850 денари. Поскапувањето беше уште поголемо кај возилата со поголема моќност.

На состанокот во понеделникот, Агенцијата за супервизија на осигурувањето побара враќање на старите цени, но осигурителните компании си останаа на своето.

Од Националното биро за осигурување велат дека цената на полисата не е променета повеќе од 10 години, а трошоците за работа на компаниите значително пораснале. Со претходните цени во прашање било доведено функционирањето на осигурителните компании.

Агенцијата за супервизија на осигурувањето денеска излезе со анализа дека осигурителните компании се „полни како брод“ и оти поскапувањето е неоправдано. Според нив, трошоците од работењето може да се намалат со намалување на огромните провизии што им ги исплаќаат на посредниците за продажба. Анализата покажува дека над 45 отсто од трошоците за вршење на дејноста на 11 осигурителни компании, односно над 17 милиони евра, се потрошени за исплата на провизии. Ова осигурување е задолжително при регистрација на возилата, а неговата цена ја утврдува државата, па се поставува прашањето зошто компаниите имаат потреба од посредници кои толку многу ги плаќаат.

Освен една компанија, сите останати 10 компании оствариле солидни добивки на крајот на 2023 година, главно како резултат на високото учество на приходите по основ на осигурување од автоодговорност. Но, профитабилноста на компаниите се разликува. Доколку остане одлуката на друштвата за осигурување за повисока премија поради повисоки зафаќања за покривање на оперативните трошоци, тоа би било неоправдано стимулирање на оние кои досега не биле оперативно ефикасни, се вели во анализата на Агенцијата за супервизија на осигурувањето.

Анализата покажува дека во 2023 година, 11 осигурителни компании наплатиле над 4 милиjарди денари осигурување за автоодговорност, односно над 65 милиони евра. Со сè зелени картони и гранично осигурување вкупно се наплатени 87 милиони евра од граѓаните. Од нив, за штети исплатиле помалку од 40 милиони евра, односно 45 отсто од премиите. Сличен процент на исплата на штети има секоја година.

Срѓан Стојанчов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Кои се пратениците кои ќе му се придружат на Мицкоски?

Дејан Дејан

 „ Парови “ во Драмски театар, за љубовта како жртва на проекциите на луѓето за себе си

Дејан Дејан

Израел одговара пред Меѓународниот суд на правдата за геноцид- Јужна Африка бара судот да нареди прекин на огнот во Газа

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе