Во време на затегнати политички односи меѓу Македонија и Бугарија , културата е место каде меѓу нас не постојат разлики , каде заедно можеме да го најдеме вистинскиот пат по кој треба да продолжиме напред. Ова е ставот на директорот на престижниот Национален театар од Софија „ Иван Вазов“, кој вечерва во рамките на завршницата на „ Скупифестивал“, ќе ја изведе претставата „ Орфеј“, чии инсерти од попладневната проба ги гледате.
- Културата е место во кое ние немаме разлики. Тоа е место каде сите можеме да бидеме заедно и така да го најдеме вистинскиот пат по кој треба да продолжиме напред. Ние активно соработуваме со нашите колеги од Македонија и тоа ни отвора поголем хоризонт, во однос на тоа колку политичарите сакаат да ни дадат, изјави Васил Василев – директор на театарот „ Иван Вазов“ од Софија
Која е таа силата што го тера Орфеј да ја погледне Евридика, на излегувањето од адот и да ја загуби? Дали тоа е љубовта или сомнежот? Ова се прашањата на кои се обидува да одговори претставата, базирана на старогрчкиот мит за музичарот, поет и пророк Орфеј, но и врз документаристика од актерите.
- Ние не се занимаваме толку со самиот мит за Орфеј и Евридика, кој им е многу познат на сите луѓе. Туку се занимаваме со човечките квалитети на Орфеј. Со таа заемна поврзаност меѓу животот и смртта и љубовта. И дали всушност љубовта не е самиот живот? Од почетокот до крајот и смртта, вели Дарин Ангелов- актер
Ова е авторски проект на словенечкиот режисер Јернеј Лоренци, носител на европската театарска награда „ Премио“ за 2017.
- Тоа е во голем дел театар на импровизации. Јернеј постојано преку театарот го испитува личното. Според него , театарот треба да ја допре личноста, така што ќе ја промени и според нејзиниот светоглед да и раскажува на публиката. И цело време тој ни кажуваше дека всушност тоа што го правиме на сцената е еден заеднички простор со публиката, изјави Билјана Петринска- актерка
Претставата во која и музиката е актер, пристигна преку бугарскиот Културно – информативен центар во Скопје.
Сотир Трајков