Македонија

Света божикна литургија во Католичката црква „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје

Католичките верници и дел од православните христијани, кои се водат според Грегоријанскиот календар утре го одбележуваат Раѓањето Христово – Божик. Традиционално, во државава централната прослава по повод празникот се одржа во Католичката црква „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје, каде вечерва имаше божиќна света литургија.

На литургијата присуствуваа претседателот Стево Пендаровски со сопругата Елизабета Ѓоргиевска, директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, Даријан Сотировски, како и помал број верници во однос на изминатите години согласно протоколите за заштита од Ковид-19.

Внатре во катедралата имаше определен број свештени лица и верници, а надвор во дворот беше поставен видео-бим со цел верниците кои не можеа да влезат внатре да ја следат литургијата. Задолжително беше носењето маски и одржувањето потребно растојание меѓу присутните.

 Бискупот скопски и епарх струмичко-скопски Киро Стојанов, честитајќи им го празникот Божик на католичките верници на литургијата ја прочита божикната проповед.

– Драги браќа и сестри, секој човек се раѓа за себе и секој се радува на животот; секој човек има право на својот живот. Секој човек е Божја слика; кој го нарушува човечкото достоинство, тогаш тој греши и против самиот Бог. И во животот се случуваат чуда. Овие чуда се на дело кога поединци од љубов кон човекот, својот ближен, го жртвуваат своето време, своите добра, дури и својот сопствен живот. Многумина тоа и денес го прават. Не мора тоа секогаш да бидат големи работи за кои се зборува во медиумите. За време на оваа пандемија од коронавирусот, ние со голема благодарност го свртуваме вниманието кон толку многу лекари, медицински сестри и болничари, како и кон целиот услужен медицински персонал по клиничките центри, болниците и другите здравствени установи, кои својот сопствен живот и своето сопствено здравје го ставаат на ризик за да нè заштитат нас и сочуваат. Се молиме за нив и за сите погодени од оваа пандемија Бог да ги чува и да нè ослободи сите нас од оваа неволја, за да можеме да се вратиме на вообичаениот начин на живот и работа, на нашите семејства, на училиштата и на работните места во корист на нашиот народ и нашата драга татковина Македонија, истакна бискупот скопски и епарх струмичко-скопски Киро Стојанов.

Божик утре го слават и Грчката, Бугарската, Романската, Украинската и Грузиската православна црква, кои го прифатија Грегоријанскиот календар. Преостанатиот православен свет, кој се води според Јулијанскиот календар, меѓу кои и Руската, Српската и Македонската православна црква, Ерусалимската патријаршија, како и дел од монасите на Света Гора, Божик ќе го одбележат на 7 јануари

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Поскапува задолжителната осигурителна полиса – нови цени за регистрација на возила

Дејан Дејан

Рокот за приговори за постапката за гласање е до 19 часот, до полноќ за сумирање на резултатите

Дејан Дејан

Тодоров: СДСМ покажаа епохална неспособност за нормално функционирање на државата

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе