Вести Македонија Најважни

Македонија назадува во борбата со корупцијата и политизираното судство – „Фридом Хаус“ го објави најновиот извештај

Многу „сопки“ има на патот на борбата со корупцијата и Македонија назадува во владеењето на правото. Државата доби лоша генерална оценка, во најновиот извештај на „Фридом Хаус“ со наслов „Држави во транзиција“.

Македонија спаѓа во групата циклични хибриди, заедно со Албанија, Босна и Херцеговина и Црна Гора од регионот, а во оваа група е и Ерменија. Од друга страна се таканаречените „демократизирачки хибриди“, каде што се Украина, Косово и Молдавија. Во „автократизирачки хибриди“ е Србија, заедно со Унгарија и Грузија.

Од оценуваните седум категории во Македонија, нема промени во оценката за пет – национално демократско владеење, изборен процес, граѓанско општество, независни медиуми и локално демократско владеење.

Оценката паднала во две категории – судската рамка и независност и корупцијата.

Генералната оценка во процентот за демократија на нашата земја, изнесува 46 од вкупно 100.

Ниту Груевски, ниту неговите најблиски соработници, не се изведени пред лицето на правдата за нивните злоупотреби на функцијата пред 2017 година. Уште полошо, со контроверзните измени на Кривичниот законик во 2023 година се намалија казните за ваквите злоупотреби, со што големи случаи беа отфрлени додека јавноста сѐ уште беше во шок од фаталните коруптивни скандали во здравствениот сектор, се вели во извештајот.

Во извештајот на „Фридом Хаус“ се нотира дека владини претставници, претседателот, амбасадори и целокупната јавност изразија незадоволство по серијата скандали во Судскиот совет, откако претседателката Весна Дамева беше сменета од позицијата.

Дополнително, назначувањето на обвинители и судии, кои се семејно поврзани со истакнати политичари (вклучително и синот на тогашниот спикер, а сегашен премиер Талат Џафери), ја зацврсти јавната перцепција за непотизам во судството.

Александра Карпи од „Фридом Хаус“, која е една од авторките на извештајот, во изјава за „Гласот на Америка“, вели дека во Македонија преовладува чувството дека институциите не им служат на сите граѓани.

Обележје на годината е политичката поларизација и несогласување во владејачката коалиција, како и со опозицијата. ВМРО, главната опозициска партија, продолжи со опструкција. Имаше многу политичка динамика особено на крајот на годината поради изборите коишто претстојат. Резултатот беше измена на Кривичниот законик во последен момент и многу нетранспарентно изведено на почетокот на есента, што ги направи казните, мерките изречени за осудените за криминално постапување, но и за злоупотреба на службената положба, да бидат намалени, изјави александра карпи, експерт од „фридом хаус“.

Слободата на изразување генерално се почитува, велат од „Фридом Хаус“, но на полето на медиумите има забележлива поделеност, вклучително и по етничка линија.

Новинарите, особено оние коишто известуваат за корупција и злоупотреба на моќта, продолжуваат да се соочуваат со притисоци и други предизвици.

Во извештајот се акцентираат и потпросечните услови за работа на медиумските работници, но и предизвиците во одржливоста на медиумските компании.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Наместо бројки, партиите треба да презентираат политики за економски раст, сметаат економските експерти

Дејан Дејан

Велигденски креативи кои ќе ви помогнат да ја разубавите претстојната трпеза

Дејан Дејан

Екстрадиција на Палевски: Кои се процедурите за испорачување на бегалци

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе