Облаци од чад и силни експлозии утрово се слушаат во Газа, израелските сили продолжуваат со своите операции против Хамас. Нападите се фокусираат на областа Кан Јунис, каде што војската ден претходно фрли летоци со предупредување жителите да заминат.
Додека израелската војска гаѓаше цели, интензивирајќи ја обновената офанзива по еднонеделното примирје населението во овој дел од земјата излезе да пребарува преживеани и жртви под урнатините.
Израелската војска го повикаа нашите соседи и им рекоа: „Вие и Абу Фараџ Ал Кедра сте мети, ќе ги уништиме куќите и треба да си заминете“. Им рековме немаме ништо овде, зошто сакате да ги гаѓате? Потоа рекоа. „Треба да заминеш, тоа е добро за тебе“, раскажува Хекмат Ал Кедра, сопственик на уништена куќа.
Загриженоста за нови цивилни жртви расте. Најмалку девет лица загинале, вклучително и три деца, во напад врз куќа во градот Деир ал Балах во центарот на Појасот Газа.
Во градската болница дополнително биле донесени уште седум тела на загинати во воздушните напади во текот на ноќта. Министерството за здравство на Газа соопшти дека најмалку 200 Палестинци се убиени од обновувањето на борбите во петокот наутро.
САД го повикаа својот сојузник да направи се што е можно за да ги заштити цивилите иако сметаат дека Хамас е виновен за прекинот на огнот.
Видете, ние продолжуваме да работиме со Израел, Египет и Катар на напорите да се врати хуманитарната пауза во Газа. Но, да бидеме јасни за ова. Токму поради Хамас таа пауза заврши, што тие едноставно не беа во можност, не успеаја да создадат списокот на заложници што би можеле да помогнат да се овозможи таа пауза да се продолжи, вели портпарол на Советот за национална безбедност на САД, Џон Кирби.
Бројот на загинати во Газа според информациите на властите во земјата надмина 15.200 од нив 70 отсто се жени и деца.
Агенцијата на Обединетите нации за помош на палестинските бегалци соопшти дека никаква помош не прстигнува во Појасот Газа по завршување на договорот за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас и дека на земјата и се заканува „хуманитарно цунами“.
Александар Петрески