Вести Македонија Топ вести

Граѓани споделуваат сознанија во истрагата за скандалот со цитостатици на Онкологија

Десетина граѓани, само во текот на денешниот ден, го контактираа надлежниот јавен обвинител за да споделат свои сознанија и да помогнат во истрагата за скандалот со цитостатици на Клиниката за Онкологија. Пред новиот протест на неформалната група „Протест за убиството на Онкологија“, закажан за попладнево, обвинителството објави дека го подигнува степенот на транспарентност и отчетност за предметот на Онкологија и ќе побара од неформалната организација да одбере тројца онколошки пациенти кои ќе имаат увид во истрагата. Образложија дека овие дополнителни чекори ги преземаат затоа што станува збор за случај во кој се испитува евентуална повреда на највисокото уставно загарантирано право на здравствена заштита.

„Обвинителството денеска ќе побара од неформалната организација преку која пациентите ги изнесуваат своите барања да избере тројца онколошки пациенти кои во текот на целата постапка ќе имаат директен увид во прибраните докази и во преземените дејствија. Пациентите ќе треба претходно да потпишат изјави со кои ќе се гарантира тајноста на постапката и на личните податоци во кои ќе имаат увид. Начинот на избор на пациентите е оставен на нивните претставници кои го изнесоа ваквото барање“, се наведува во соопштението од ЈОРМ.

Неформалната група „Протест за убиството на онкологија“, која го организира протестот со барање за брза разрешница на криминалот со лекови на Онкологија, го повтори ултиматумот до обвинителството за една недела да излезе со детали за истрагата, а бараат и одговорност од високите функционери кои биле дел од скандалот со Клиниката за Онкологија.

Покрај претходниот директор, тврдат дека дел од скандалозната шема на крадење лекови била и уште една поранешна директорка, против која веќе има кривична пријава за злоупотреба и предизвикана штета од 350 илјади евра, а таа сè уште работи на Клиниката. Од Јавното обвинителство, пак, велат дека ги презема сите дејствија за обезбедување докази со цел проверка на наводите во овој предмет, поради што од самиот почеток е вклучен и лекарски и друг медицински персонал.

Емилија Мисирлиевски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Обвинителство – Генерално мирен изборен ден без поголеми нарушувања

Дејан Дејан

Арбер Адеми не гласал за претседател, а ДУИ очекува 20 пратеници во Собранието

Дејан Дејан

Муцунски: Отворениот повик на ДУИ за бојкот не успеа, извесно е дека партијата ќе оди во опозиција

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе