Вести Култура

МНТ со праизведба на „Хенгинг Араунд“, а Драмски театар со премиера на „Хеда Габлер“

Македонскиот народен театар и Драмскиот театар од Скопје излегоа со два нови проекта, со еден ден растојание меѓу изведбите.  Во МНТ се одржа праизведбата на текстот „Хенгинг Араунд“ од Љупчо Јованов, во режија на Бојан Трифуновски. А, во Драмскиот театар се одржа премиера на претставата „ Хеда Габлер“, која по текстот на Хенрик Ибзен, ја постави режисерот Васил Христов.

Коментар на нашата стварност, заглавена во идеологиите, митовите и во бајките, од минатото. Вака накратко гласи описот на претставата „Хенгинг Араунд“. Неа на малата сцена во МНТ ја постави режисерот Бојан Трифуновски по текстот на Љупчо Јованов, кој што со оваа постановка доживеа праизведба.

„Идејата беше многу едноставна. До кога ќе живееме во овој свет на бајки, кој не е таков како што мислиме, или каков што ни го кажуваат дека е“, кажа авторот на текстот Љупчо Јованов.

Низ фрагментарна драматургија, базирана на цитати, претставени се трагикомични алегориски слики, преку кои доаѓаат до израз бесмислата и апсурдот на постоењето,  пласирани низ повеќе слоеви, со особена симболистичка поетика.

„Она што е важно за мене, правејќи ја оваа претстава, е дека не се помируваме со фактот дека нема надеж. Секогаш постои начин да создадеме нова публика во театар. А, јас сметам дека автентична емоција и здрава доза на хумор е добар протеин, тоа да се однесе до мозокот и до желудникот на публиката“, кажа режисерот Бојан Трифуновски.

А, постановката на „Хеда Габлер“, во Драмски театар, работена по текст на норвешкиот драматичар Хенрик Ибзен, напишан кон крајот на 19 век, низ режијата на Васил Христов и адаптацијата на Викторија Рангелова Петровска, прераснува во современ прочит на оваа драмска класика. Претставата се игра на големата сцена „Ристо Стефановски“, а во фокусот е женската психологија.

„Женската психологија е така речи, неистражена и ден-денес. А, „Хеда Габлер“ тоа го нуди како материјал. Да ја истражиме женската психологија. Зошто, кои се причините за таквиот развој на настаните“, рече режисерот Васил Христов.

Незадоволството на поединецот од промената на општествениот статус, сексуалната злоупотреба на жената, кариеризмот и губењето на слободата, се главните наративни нишки, испреплетени и развиени низ дејствието. Актерката Сања Арсовска, со многу страст и сугестивност, но со мерка во изразот, го предава ликот на желната за апсолутна моќ, Хеда Габлер.

„Во себе крие една малку подлабока психолошка состојба. Затоа што постои некоја траума во животот што неа ја има форматирано како личност. И тоа прави да се мрази себе си и да ги мрази сите останати“, кажа актерката Сања Арсовска, за ликот на Хеда Габлер.

Двете претстави се на репертоарите на театарите, овој месец.

Сотир Трајков

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

ВИДЕО: Невреме во Струга

Дејан Дејан

Обид за физички напад врз претседателката на Уставниот Суд

Дејан Дејан

Крени глас: Со позитивна енергија против врсничкото насилство

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе