Вести Избори 2024 Македонија Топ вести

Гнеотино во Општина Новаци е едно од селата со поголема излезност, но и со повеќе штркови од гласачи

22 годишната Елена Стојчевска е една од неколкуте млади луѓе кои останаа да живеат во пелагониското село Гнеотино. Младата девојка денеска дојде во малата загушлива просторија во некогашното селско училиште, каде се наоѓа избирачако место 162, за да го оствари своето право на глас. Очекува да биде слушнат гласот на младите и да бидат исполнети нивните барања за подобар живот.

„Бараме подобар живот. Овде имаме слобода, но ни е далеку од градот и немаме  никакви услови, работа не можеме да најдеме, во градовите одиме за вработување“, вели Елена Стојчевска од с.  Гнеотино.

Највозрасните пак кои ја живеат деветтата деценија од животот велат дека гласањето е граѓанска должност, свечен чин иако никој ништо не исполнил од нивните очекувања.

„Бев на гласање, ама бабата не е на списокот. Јас не се разбирам во ништо, за селската работа, знам за стоката. Имам и пензија од 20.000“, вели жител на Гнеотино.

Во селото кое некогаш имаше 300 жители, поголем дел од куќите се одамна напуштени, а овде масовно се населуваат штрковите. Денес има триесетина жители, а 27 од нив имаат право на глас.

Сепак, селото Гнеотино во Општина Новаци е едно од селата со поголема излезност. Но, овде има повеќе штркови од гласачи.

Гнеотино припаѓа во општина Новаци, која е најголема по територија во државата, најмалку населена, но со највисок процент на излезност на сите изборни циклуси. На избирачкиот список во општина Новаци  запишани се 2.498 граѓани со право на глас, а во првиот круг на претседателските избори на гласање излегоа над 71 проценти од избирачите. И на овие избори гласањето се одва без проблеми со висока  излезност.

„Гласачите кои досега дојдоа гласаа за двата вида избори. Си ги знаат правата, го познаваат процесот на гласање. Интересно во помалите места е тоа што за нив излегувањето на гласање е традиција и редовно излегуваат истите луѓе, дотерани и средени како за на гласање“, вели Александар Тодоровски, заменик претседател на ИО на ИМ 162.

Елена од Гнеотино и нејзините пријатели остануваат со надеж за подобро утре. Во спротивно, за неколку години селото ќе остане сосема празно, иако е на чекор до Европската Унија.

Емилија Мисирлиевска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Се урна хеликоптерот на иранскиот претседател Ибрахим Раиси

Дејан Дејан

Мицкоски: По прегласувањето во ИЕ 5 очекуваме обезбедување двотретинско мнозинство

Дејан Дејан

Исчезна хеликоптерот со кој летал иранскиот претседател Ибрахим Раиси

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе