Вести Култура Македонија

Конзервацијата на ѕидното сликарство – во фокус на работата во црквата „Свети Ѓорѓи“ во Курбиново

Споделените стручни искуства даваат вредни резултати, кои се особено важни за конзервацијата на ѕидното сликарство на еден од највредните споменици на културата од византискиот период, црквата „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново.

Во моментов се работи на конзервација на ѕидното сликарство кое што започна на почетокот на мај помеѓу стручните тимови од „Заводот и музеј“ – Битола и „Европскиот центар за византиски и поствизантиски споменици“ од Солун.

„Во изминативе месец дена се работеше на опшивање на ѕидното сликарство и на инјектирање на живописот. Сега ќе се направи мала пауза за да се дозавршат активностите кои се поврзани со конзервацијата на архитектурата на проектот и ќе се продолжи со работа во понатамошниот период некаде најверојатно во втората половина на месец јули со конзервација на ѕидното сликарство. Планирано е активностите комплетно да завршат до крајот на годината, така што ќе имаме еден завршен и комплетиран споменик од конзерваторски аспект, како по однос на архитектурата, така и по однос на ѕидното сликарство“ – изјава Мери Стојанова, директорка на НУ „Заводот и музеј“ од Битола. 

На овој проект работат експерти во вистинска смисла на зборот од двете земји, рече Карајани.

„Беше набавена најсовремена и доста скапа опрема за сите анализи кои беше потребно да бидат направени. Се поднесе барање за проектот до Центарот за конзервација, беше одобрено и пред еден месец се започна со работа. Сега се завршува првата фаза и се надеваме дека до крајот на годината ќе се заврши“ – вели Флора Карајани, директорка на Европскиот центар за византиски и поствизантиски споменици од Солун.

Користени се резултати и од претходните истражувања, современи технологии, ласерско скенирање на објектот што претходно не било возможно поради поставените скелиња.

Направени се и дополнителни анализи, со земање микроскопски примероци кои се испитуваат со инструментални техники.

„Правени беа микро и макро фотографии. Користена беше инфрацрвена камера, мултиспектрална камера. Сето тоа беше во функција за подобро да се анализира техниката како работеле мајсторите, особено главниот зограф, да ја дефинираме техниката, но и состојбата“ – оцени раководителот на проектот, Оливера Макриевска.

Заедничката работа помеѓу колегите од Солун и од Битола, ни донесе високо стручна конзервација на фрескоживописот од 12 век, на оригиналните фрески меѓу кои е и фреската на Архангел Гаврил, познатиот Ангел од Курбиново. Сведочиме на резултати кои со децении ги посакувавме, а кои ги добиваме токму сега, работејќи посветено, со грижа и поддршка што засилено ги вложуваме во заштитата на Курбиново во последниве 5 години“ – додава министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска.

Се очекува до крајот на годината да заврши комплетната конзервација на ѕидното сликарство во внатрешноста на црквата кога ќе има завршен и комплетиран споменик од конзерваторски аспект во однос на архитектура и ѕидно сликарство.

Нина Стефанова

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Наместо бројки, партиите треба да презентираат политики за економски раст, сметаат економските експерти

Дејан Дејан

Велигденски креативи кои ќе ви помогнат да ја разубавите претстојната трпеза

Дејан Дејан

Екстрадиција на Палевски: Кои се процедурите за испорачување на бегалци

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе