Вести Македонија Топ вести

Рашковски бара извинување од Русковска, откако таа го спомна како главна причина за нејзината обвинителска судбина

Поранешниот генерален секретар на владата, Драги Рашковски бара јавно извинување од обвинителката Вилма Русковска по нејзиното во интервјуто во „Топ тема“ на Телма, но бара и одговор со име и презиме кој ѝ понудил да стане заменик јавен обвинител и унапредување за нејзиниот внук да биде избран во скопското Вишо јавно обвинителство во замена за запирање на истрагата за случајот „Софтвери”. Во спротивно, како што порачува во соопштението, ќе биде принуден да поднесе тужба.

„Основните правила на комуникацијата налагаат дека секој човек има име и презиме, дека секој настан има време и место и дека секое опишано дејствие има причина и последица. Од овие правила произлегува дека секој оној кој нема одговор на овие три прашања, својот исказ може да го сведе само во категоријата на шпекулација и манипулација. Не заради себе, туку заради јавноста која веќе две години ја труете со овој тип на обраќање кон неа вие мора да дадете одговор: Кој, со име и презиме, Ви понудил да станете заменик јавен обвинител и вашиот внук да биде избран во Вишото јавно обвинителство во замена за тоа да ја сопрете истрагата за случајот „Софтвери”, кога тоа се случило и на кое место и најбитно ако тоа се случило што е причината за тој настан, а уште повеќе зошто по, речиси, две години Вие дури сега кога Ве суспендираа комплет зборувате за истиот?“, се вели во писмената реакција на Рашковски.

Рашковски посочува четири, како што ги нарекува, апсурди во анализата на настапот на Русковска што ги пренесуваме во целост

АПСУРД 1 – Велите „Ми беше понудено да ме изберат за заменик републички обвинител … Таква позиција согласно законот за јавно обвинителство не постои. Постои јавен обвинител кој го заменува Републичкиот јавен обвинител во случај на отсуство, но тоа е веќе сосема друго. Тоа Вие би требало подобро да го знаете од мене

АПСУРД 2 – Велите „Можеби тоа беше причината”, алудирајќи на тоа дека позициите за Вас и за внукот кои Ви биле понудени биле за да се откажете од истрагата за случајот „Софтвери”. На која Вилма треба да ѝ веруваме, на онаа која вели дека некој ѝ пристапил со конкретен предлог или на онаа која после две минути кажува дека можеби тоа била причината.

АПСУРД 3 – Велите „не сакам после да се најдам на суд за клевета и навреда….”. Па, ако е вистина тоа што го зборувате зошто би Ве дал некој на Суд, а особено „истакнат” правник како Вас не треба да се плаши од одење по судови. Каков борец сте за правда ако се плашите да одете на суд за клевета и навреда?

Како четврти апсурд, Рашковски се навраќа две години наназад, кога Русковска изјавувала оти немала никакви притисоци за случајот „Софтвери“.

За обвинителката Русковска, која беше шефица на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), беше предложено разрешување од Дисциплинската комисија. Забелешките за неа се однесуваа за начинот на кој се постапувало со претресот во рамки на предистрагата за поранешниот директор на Управата за финансиска полиција, Арафат Муареми.

„Пријавата беше само за поранешниот директор. Би сакала да одговорам дека во аналите на македонското правосудство ќе влезе дека за наредба за претрес од суд, која е уште во сила, одговара обвинител што досега ниту се случило, ниту во иднина мислам дека ќе се случи. Можам да кажам дека оваа одлука ја очекував. Не сум изненадена воопшто. Само сакам да кажам дека уште кога се отвори истрагата за господинот Драги Рашковски, мене ми беше понудено да ме изберат за заменик-републички обвинител. Кога не го прифатив тоа, го зголемија влогот и понудија покрај мој избор за заменик-републички обвинител, и внукот од сестра ми, кој е обвинител во Куманово, да биде избран во Вишото во Скопје. Јас и тоа го одбив“, изјави Русковска во интервјуто во „Топ тема“ на Телма.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Наместо бројки, партиите треба да презентираат политики за економски раст, сметаат економските експерти

Дејан Дејан

Велигденски креативи кои ќе ви помогнат да ја разубавите претстојната трпеза

Дејан Дејан

Екстрадиција на Палевски: Кои се процедурите за испорачување на бегалци

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе