Вести Македонија Топ вести

Се засилува конфронтирањето власт – опозиција за референдумот

Спроведувањето на Договорот со Бугарија е црвена линија и за ДУИ, соопшти лидерот на партијата Али Ахмети, откако иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за референдумот вчера стигна во Собранието, но не и до собранискиот спикер, Талат Џафери, поради неговот отуство од државата. И додека се чека Џафери да ја прими и даде оценка дали иницијативата е уредна, неговиот партиски шеф и испорача на опозицијата „не“ за референдумот.

Имаме црвени линии. Постигнатите договори треба да се почитуваат, договори кои и обезбедија членство на нашата земја во НАТО, договори кои и обезбедија на нашата земја отворање на преговорите за членство во Европската унија и нема враќање назад, изјави Али Ахмети, претседател на ДУИ.

ВМРО-ДПМНЕ пак не чекаше долго да му одговори на Ахмети. Нарекувајќи го „премиерот во сенка“, опозицискиот пратеник Драган Ковачки, му порача дека токму неговата изјава ќе им ја расчисти дилемата на многу луѓе која е вистинската страна.

Епа ако некој досега имаше дилеми како треба да постапи во врска со референдумот, без разлика дали е Македонец или Албанец, без разлика дали е политички определен или неопределен, после оваа изјава на Али Ахмети сигурно знае што треба да стори. На сите ни е јасно дека вистинската страна е спротивна од неговата!, напиша на фејсбук Ковачки.

Фронтот за референдумот меѓу владеачките парти и најголемата опозициска партија денеска пак се засили и со нови меѓусебни обвинувања на релација СДСМ – ВМРО-ДПМНЕ, за тоа кој е поголема страшливец. Па така откако денот стартуваше со соопштение од СДСМ со обвинување дека иницијативата за референдумот е за личен спас на лидерската позиција на Христијан Мицкоски, во ВМРО-ДПМНЕ, со цел да ја уназади државата и попречи интегрирањето во ЕУ.

Таканаречените активни и пасивни блокади на ВМРО-ДПМНЕ се поради плашливото и кукавичко однесување на Мицкоски, а и иницијативата за референдум е токму тоа – кукавичлук на Мицкоски, се наведува во соопштението од СДСМ.

ВМРО-ДПМНЕ го продолжи денот со возвратно обвинување на сметка на социјалдемократите дека се антимакедонска партија која е затечена и не знае како да реагира, а не го поштедија ниту шефот на државата. Стево Пендаровски.

Единствено сигурно е дека не сака соочување со народот. Нема план и стратегија за Референдумот. Ковачевски и Пендаровски веќе неколку дена не знаат како да се постават, стравот од соочување со народот кај власта е огромен. Според спроведени истражувања над 60% од Македонците би излегле на Референдум, и тоа го знаат и во власта, изјави Миле Лефков, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник

Лефков од партиската говорница го повтори и најновото барање на ВМРО-ДПМНЕ до власта заедно со референдумот, освен предвремени парламентарни избори да се одржат и предвремени претседателски избори, кое го испорача лидерот на партијата Мицкоски, во обраќањето пред Унијата на ветераните на ВМРО-ДПМНЕ, пред два дена.

Тамара Грнчароска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

ВИДЕО: Што мислат за истополовите бракови, дали црквата треба да плаќа данок и колку партиските лидери им се шефови и им „бркаат“ гласови- Пендаровски и Силјановска во Претседателската дебата на Телма

Дејан Дејан

Наместо бројки, партиите треба да презентираат политики за економски раст, сметаат економските експерти

Дејан Дејан

Велигденски креативи кои ќе ви помогнат да ја разубавите претстојната трпеза

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе