Вести Свет Топ вести

Црквата и гробиштата во полициски обрач – силни безбедносни мерки за погребот на Навални во Москва

Метални огради, безбедносни камери, засилено присуство на полициски единици. Црквата во Марјино, во југоисточна Москва, каде ќе се служи парастос и за последен пат ќе биде изложено телото на Алексеј Навални, е во полициски прстен. Иста е сликата и околу Борисовските гробишта за каде е закажан погребот во 14 часот по средноевропско време.

Неколку часа пред церемонијата, стотици луѓе формираа долги редици пред црквата за збогување со рускиот опозициски лидер. Меѓу нив и амбасадорите на САД, Германија и Франција. Од Кремљ е соопштено дека секое недозволено собирање за критичарот на политиките на претседателот Владимир Путин, ќе се смета за кршење на законите. Сопругата на Навални, Јулија ја повтори загриженоста дали погребот ќе биде мирен или полицијата ќе апси луѓе.

„Ова е огромна загуба. Наше најдлабоко сочувство до мајката, затоа што не секој човек може да го издржи тоа, на неговата сопруга и на неговите деца. Изгубивме многу“, изјави Светлана Петрова, жителка на Москва.

Дојдов овде од Калининград, затоа што за мене денешниот настан е многу тажен, но и многу важен, затоа што секој што дојде овде денеска е човек кој ја исполнува својата граѓанска должност, кој не се плаши да изрази тага, иако сега тоа е забрането во нашата земја. Затоа што Алексеј, за секој што е овде денеска, и за многумина кои не се овде денеска, кои не се осмелиле да дојдат овде, е личност која не само што го даде животот во борбата за нешто, туку и кој го даде својот живот во борбата за нас“, рече Надежда Иванова, жителка на Калининград.

Телото на Навални, според неговата портпаролка Кира Јармиш, претпладнево било предадено на семејството. Но, како што напиша на платформата Икс, се соочиле со проблем во организацијата за возило за пренос на телото на Навални до црквата, бидејќи непознати луѓе се јавувале по мртовечници и се заканувале.

Навални беше еден од најжестоките критичари на Кремљ. Во 2020 година преживеа обид за труење. Беше лекуван во Германија, а по враќањето во родната земја беше уапсен од руските власти.

„Знам кој сакаше да ме убие. Знам каде живеат. Знам каде работат. Ги знам нивните вистински имиња. Ги знам нивните лажни имиња. Имам нивни фотографии“, изјави Алексеј Навални, руски опозициски политичар во декември во 2020 година.

Почина на 16 февруари, во казнена колонија на Сибир која важи за една од најлошите во рускиот затворски систем. Таму издржуваше вкупна затворска казна во траење од 30 години по обвиненија за неколку дела, меѓу кои основање и финансирање на организација која властите ја сметаа за терористичка.

Сашко Димовски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Бегалците од кондовската група упасени во Урошевац имаат и косовски пасоши?

Дејан Дејан

Ахмети: Дадовме заклетва дека оваа земја има свое место во ЕУ

Дејан Дејан

Од утре стартува гласањето за двојните избори, ќе гласаат болните, немоќните и затворениците

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе