Вести Свет

Убиен косовски полицаец во Бањска при престрелка со тешко вооружена група

Припадник на специјалните единици на косовската полиција е убиен, а друг полицаец е повреден во престрелка со непозната вооружена група во селото Бањска во општина Звечан, на северот на Косово. Престрелката започнала нешто после 2 часот и 30 минути утрото откако Единицата за брза интервенција на косовската гранична полиција забележала дека на влезот во селото биле поставени камиони без регистрација, со кои бил блокиран патот кон селото. 3 полициски единици се упатиле кон локацијата, но кога пристигнале во близина на блокадата кон нив бил отворен оган од повеќе различни правци со разновиден арсенал на огнено оружје.

Косовските полицајци почнале битка со маскираните напаѓачи и успеале да ги извлечат повредените колеги. Биле префрлени во болницата во Јужна Митровица каде е констатирана смрт на еден полицаец, додека вториот е вон животна опасност.

Престрелката траела до рано утрово до кога се слушале пукотници во околината на селото Бањска. Косовскиот премиер Албин Курти го обвини Белград за оркестрирање на овој напад и соопшти дека полицијата ги опколила напаѓачите во селотоод кои побара да се предадат.

Јас барам од сите овие поединци да им се предадат на безбедносните органи, бидејќи ние сакаме владеењето на правото, мирот и безбедноста да важат за сите граѓани без исклучок. Значи, ова не е некаква борба со вооружени цивили, туку со луѓе кои се опремени со тешко вооружување и претставуваат голема опасност, на само по уставниот поредок и законите на Косово, туку и по безбедноста на сите граѓани, рече Курти.

Првичните реакции од Белград се дека Приштина побрзала да ја обвини Србија пред да ги утврди фактите, додека кабинетот на српскиот претседател Александар Вучиќ најави обраќање на јавноста попладнево.

Ова е прво избивање на сериозно насилство по неколку месеци примирје меѓу локалните Срби и косовските државни органи и полицијата, по судирите во мај кога повеќе од 90 мировници на НАТО и околу 50 српски демонстранти беа повредени во демонстрации во северно Косово откако Приштина спроведе локални избори кои ги бојкотираа Србите.

Етничките Албанци се повеќе од 90% од населението во Косово, а Србите се мнозинство само во северниот регион каде што според договорот потпишан во Брисел во 2013 година треба да се формира Заедница на српски општини.

Косовската влада на чело со Курти одбива да ја формира заедницата, а разговорите Белград-Приштина за нормализирање на односите повторно заглавија минатата недела, при што шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел го обвини Курти за неуспехот да се формира Заедницата на на општините со мнозинско српско население, што ќе им даде поголема автономија.

Владата на Курти од друга страна тврди дека Србија постојано се меша во внатрешните работи на Косово и креира тензии со испраќање на српски радикални вооружени насилници на северот на земјата.

Игор Трајков

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

ВИДЕО: Што мислат за истополовите бракови, дали црквата треба да плаќа данок и колку партиските лидери им се шефови и им „бркаат“ гласови- Пендаровски и Силјановска во Претседателската дебата на Телма

Дејан Дејан

Наместо бројки, партиите треба да презентираат политики за економски раст, сметаат економските експерти

Дејан Дејан

Велигденски креативи кои ќе ви помогнат да ја разубавите претстојната трпеза

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе