Вести Македонија Топ вести

Грковска со резерва за измени на кривичниот законик – jа поддржува продолжeната конфискација, и пречи кратењето на казните за функционерите

Задоволство од измените за конфискација на имот, но не и од останатите измени на Кривичниот законик со кои се намалуваат казните и времето за застарување за делата злоупотреба на службена положба и злосторничко здружување, изрази вицепремиерката задолжена за добро владеење, Славица Грковска. На измените кои експресно се донесоа во Собранието благодарение на европското знаменце, свој потпис пред некој ден стави и претседателот Стево Пендаровски со што истите стапуваат на сила.

За Грковска проширената конфискација е поволна, бидејќи оние што го прекршиле законот лично ќе почуствуваат дека губат нешто со одземањето на нивниот имот со што и граѓаните ќе имаат бенефит.

„За останатите одредби од законот јас ја изразив својата резерва и на седницата на Владата заради тоа што сведоци сте дека има реакции во јавноста за начинот на којшто тие членови ќе се ефектуираат на актуелни случаи, меѓутоа и генерално“, изјави Грковска.

Измените кои наидоа на бројни рекации во јавноста и Пендаровски и премиерот Димитар Ковачевски ги правдаат со тоа дека со нив не се врши амнестија, а и двајцата, како и Грковска, фокусот го ставија на проширената конфискација.

Претседателката на Уставиот суд, Добрила Кацарска освен што не се согласува со измените, пред некој ден изјави и дека конфискацијата не треба да се поистоветува со висината на казните.

„НЕ МОЖЕ ДА ИМАМЕ НИЕ САМО БЛАГИ КАЗНИ. А КОНФИСКАЦИЈАТА ДАЛИ ЌЕ УСПЕЕМЕ НИЕ ДА ЈА СПРОВЕДЕМЕ ИЛИ НЕ, ЗАТОА ШТО ОНИЕ ШТО ПРАВАТ КРИМИНАЛ СЕ МНОГУ ИНТЕЛЕГЕНТНИ ВО ТОЈ ДЕЛ, МНОГУ ИТРО УСПЕВААТ ДА ГО СОКРИЈАТ ИМОТО. И НЕ МОЖЕ ДА ПОИСТОВЕТУВАМЕ ВИСИНА НА КАЗНИ, КОНФИСКАЦИЈА И ДРУГО“, ВЕЛИ КАЦАРСКА.

Од затворски казни ќе куртулат политичари, градоначалници…Меѓу нив и поранешниот премиер Никола Груевски и други обвинети или осудени од случаите на поранешното СЈО. Иако тоа ќе се случи благодарение на измените кои Владата ги протурка во Собранието, Грковска прстот го вперува кон правосудството.

„И повторно доаѓаме до прашањето на ефикасноста на правосудниот систем, бидејќи и со старите решенија ние се доведуваме во ситуација одредени случаи да застарат, особено кога станува збор за политичари, бизнисмени кои биле и се уште се блиски до властите и итн“, рече Грковска.

Овие измени се поволни и за политичарите од актуелната власт кои допрва ќе бидат гонети но и оние кои се уште немаат правосилни пресуди. Коалицијата сите за правично судење која ги мониторира судењата од интерес на јавноста пресмета  дека застарување ќе има во 14 предмети на СЈО со 80 обвинети.

Марија Митевска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Туфегџиќ во „Топ тема“: Завршена е истрагата за таткото на Вања

Дејан Дејан

Прифатени нерегуларностите на изборите за гласачки места во Крушево и Долнени, се одлучува по останатите

Дејан Дејан

Во Шведска зголемена безбедноста на израелските претставништва

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе