Вести Свет Топ вести

САД ќе испорачаат касетни бомби на Киев, дел од сојузниците се против, Украина вети дека нема да ги користи во густо населени подрачја

Велика Британија, Шпанија, Канада и Нов Зеланд се меѓу земјите сојузнички на Соединетите Американски Држави во НАТО кои се против испораката на касетна муниција за Украина. Тие изразуваат загриженост по одлуката на администрацијата на претседателот Џо Бајден за таквиот вид на оружје да биде дел од новиот пакет на воена помош за Киев во вредност од 800 милиони евра. Против употребата на касетни бомби се и Обединетите Нации кои апелираат до двете страни во руско-украинската војна да избегнуваат да ги користат. И одлуката на САД и противењата на дел од членките во НАТО доаѓа на неколку дена пред Самитот на Алијансата утре и задутре во Вилнус.

Одлуката на САД за испорака на касетни бомби се базира и на заштита на американските резерви на 155-милиметарските проектили кои се користат за полнење на хаубици, а украинската армија троши илјадници дневно. Но, и Украина да добие ефективно оружје кое ќе може да погоди повеќе цели штом биде истрелано.

Според Тара Коп, репортерка на Асошиејтед прес од Пентагон, таков тип на муниција користи и Русија, но го нагласи ставот на Пентагон дека американската испорака ќе содржи пониско ниво на касетни бомби. Меѓутоа ја потенцира и веројатноста дека оружјето ќе остане на украинското бојно поле долги години, додека Украина им ветила на САД дека нема да го користи во густо населени подрачја.

Соединетите Американски Држави во петокот потврдија дека ќе испратат илјадници парчиња од контроверзното оружје за Украина, одлука која претседателот Бајден ја нарече „многу тешка“.

Касетната миниција е забранета во повеќе од 100 држави поради опасноста што ја носи за цивилното население. Обично се испуштаат многу мали бомби кои може неселективно да убијат на пошироко подрачје. Неексплодираните бомби може да останат на земја со години и неселективно да детонираат. Таков тип на муниција беше користен и при бомбардирањето на Сојузна Република Југославија во 1999 година.

Сашко Димовски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Велигденски креативи кои ќе ви помогнат да ја разубавите претстојната трпеза

Дејан Дејан

Екстрадиција на Палевски: Кои се процедурите за испорачување на бегалци

Дејан Дејан

Истражувањето покажа: Американците не им веруваат на медиумите и новинаритe

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе