Вести Свет Топ вести

Турција на крстопат – 64 милиони Турци бираат меѓу Ердоган и Киличдароглу

Реџеп Таип Ердоган или Кемал Киличдароглу беше денешната дилема за околу 64 милиони луѓе со право на глас во вториот круг на претседателските избори во Турција. Трката за шеф на државата беше првично закажана на 28 јуни. Но, катастрофалните земјотреси што го погодија југот на земјата во февруари беа причина за Ердоган да потпише Декрет во март и да ги спои со парламентарните избори на 16 мај.

Ердоган влезе во изборната трка како кандидат на т.н. Народен сојуз, коалиција на неговата Партијата на правдата и развојот и неколку десничарски субјекти на турската политичка сцена. Со Турција владее цели 20 години од кои 11 како премиер, а од 2014 година како претседател. Отскочна даска за државничките функции му беше градоначалничката во родниот Истанбул што ја извршуваше од 1994 година до 1998 година.

Се зафати со институционална трансформација на земјата во раните години на 21 век и по 2010 година. Реформите му донесоа голема популарност кај електоратот, особено меѓу неговите симпатизери кои велат дека животот им станал подобар. Во домашната сцена ужива репутација на државник кој се изборил за посилна Турција на меѓународната сцена и за зголемување на нејзиното влијание.

Последните 18 месеци, сепак, бележи пад на популарноста поради криза на националната економија. Обвинет е и за кршење на опозициските групи, иако симпатизерите на владата ги сметаат таквите постапки за неопходни по обидот за државен удар во 2016 година и заканите од „терористички“ групи.

Во изборната програма вети продолжување на претседателскиот систем кој е воведен во 2018 година по референдумот што го распиша една година претходно. За привлекување на гласови понуди и пониски каматни стапки, како и силна и независна Турција со влијание во поширокиот регион.

Неговиот, овојпат, единствен ривал е Кемал Киличдароглу, кандидат на шест опозициски партии обединети во т.н. Национална алијанса. Се опишува како „демократ“, во јавноста е познат по антикорупциската реторика, но мета е на критичарите кои му забележуваат дека е преблизок со Западот.

Беше на чело на Републиканската народна партија на левиот центар во повеќе од десет години на изборни порази во низа. Според критичарите, токму тие изборни порази покажуваат дека не е доволно силен да го порази Ердоган и да застане на чело на Турција. Пред да навлезе подлабоко во политиката, беше експерт во Mинистерството за финансии, а најголем дел од последната деценија на 20-от век беше на чело на турскиот Институт за социјално осигурување.

Адут во предизборната трка му беа ветувањата за враќање на силен парламентарен систем, решавање на курдското прашање, враќање на сириските бегалци и приближување до Европската Унија и САД.

Ердоган во првиот круг на изборите, на 16 мај, освои 49,52 отсто од гласовите, поточно 27.733.837 милиони или околу 2,5 милиони повеќе од Киличдароглу. Меѓу двата изборни круга доби поддршка од Синан Оган. Кандидатот на Алијансата АТА не успеа да влезе во финале, па упати јавен повик до своите гласачи за денеска да гласаат за Ердоган. Тоа требаше да претставува голем ветар во грб за него и дополнителен за кандидатот на опозицијата кој и онака влезе со минус во конечното соочување со актуелниот претседател за кое клучните изборни прашања беа состојбата на економијата, смртоносните земјотреси, одливот на мозоци, вредности и идентитет, демократијата и бегалците.

Сашко Димовски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Осигурителните компании разочарани откако им го укинаа поскапувањето за регистрација

Сашо Чавдаров

Правoславните христијани го одбележуваат Велики петок – најтажниот ден во годината

Дејан Дејан

Стопанска комори: Комисијата донесе непазарна и еднострана одлука

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе