Со катанец дење и ноќе на главната капија која е единствена преку која е дозволен влез во училишните дворови. Полицаец во близина и постојана физичка заштита. Забранет влез за сите надворешни лица во дворот на училиштето, а родителите ги преземаат учениците на едиствената отворена порта.
Ова се новите протоколи кои ги регистриравме во најголемото скопско училиште Лазо Ангеловски. Како што најави и министерот Спасовски, протоколот за реакција при терористичка закана е сменет и се применува од утрово.
Родителите остануваат загрижени во недостаток на официјални информации и за новите правила, но и за досегашната состојба, па одговорите ги бараат во училиштата.
„Нетрпението кај родителите е огромно. Во четвртокот имаше вонреден совет на родители каде се дискутираше за ова прашање, за безбедноста, онлајн наставата и што понатаму, до кога ќе се вознемируваат децата со прекин на наставата и продолжување на онлајн наставата“, вели Магдалена Петреска, ВД. Директор на ОУ Лазо Ангеловски- во Аеродром.
Оние што ги чекаа децата велат дека лажните дојави предизвикуваат немир особено кај најмладите.
„Децата веќе не знаат што да прават. Се плашат. Викаат дедо секој ден бомби има, ама што да прават деца“, вели еден од анкетираните граѓани.
Наставниците живеат под штрек со задачата која им ја наметнаа хакерите и непознатите заканувачи.
„Имавме неколку проби за евакуација и се тоа го реализиравме во најдобар можен ред. Наставниците се подготвени, децата се подготвени, а родителите реагираат со право“, вели Викторија Кочевска-Директорка на ОУ Владо Тасевски во Карпош.
За државниот врв, состојбата е критична, а премиерот Ковачевски вели дека оваа сајбер војна не сме ја изгубиле и нема ни да ја изгубиме.
„Оваа сајбер војна и овие хибридни напади се дел од војната која се води во Украина и тоа на сите ни е јасно затоа што ова не се случува само кај нас туку и во многу држави членки на НАТО“, вели Димитар Ковачевски, премиер.
За таа цел се почнува со нови протоколи кои важат од утрово, а министерот Спасовски без многу објаснување вели дека целта е и безбедни ученици и безбедна настава.
„Ќе се започне и со комуникација со нашите сектори за внатрешни работи и со образовните институции затоа што треба заеднички да постапуваме и на тој начин да дојдеме до решение во кое учениците ќе бидат безбедни“, вели Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи.
Порано учениците одеа на училиште и имаа часови, а сега честите дојави за бомби ги празнеја училиштата и ги оставаа децата во исчекување кога ќе ги земат нивните родители и дали ќе функционира апликацијата за онлајн настава Тимс.
Тамара Марковска