Вести Култура

Формирање на Инспекторат за македонски јазик при Министерството за култура, задолжително лекторирање на текстови

Формирање на Инспекторат за македонски јазик е една од новините во Предлог- законот за употреба на македонскиот јазик, како правен субјект во рамките на Министерството за култура, кое е воедно и негов предлагач, каде што ќе бидат вработени инспектори за македонски јазик кои што ќе дејствуваат на терен и ќе ја следат состојбата секаде каде што според законот треба да се применува македонскиот стандарден јазик и неговото кирилско писмо.

„Во законот е прецизирано и точно треба да се знае кој, каде и како треба да го применува македонскиот јазик и целта на инспекторатот е токму тука. На овој начин би имале повеќе видливи резултати, би се дејствувало и практично, а не сето тоа да остане како пропишана норма во предвидениот закон“, изјави проф. д-р. Елизабета Бандиловска, член на Советот за македонски јазик.

„Токму таа инспекција јазична инспекција што постои во многу држави за многу национални јазици е оној поттик сето тоа да се применува во практика.  Во досегашниот закон имаше повеќе такви желби, а тука е сосема јасно кажано какви се условите и како треба да биде“, изјава проф. д-р Људмил Спасов, претседател на Советот за македонски јазик.

Важно е да се донесе ваков закон, без оглед што истиот ни беше испратен ден пред расправата и за него имам повеќе забелешки, вели професор Груевска. Меѓу нив и забелешката за ингернециите на инспекцискиот надзор.

„Зошто Инспекторатот за употреба на јазиците е под Министерството за правда, а Инспекторатот за употреба на македонскиот јазик е под Министерството за култура. Тука сметаме дека тоа не е фер и дека двата инспектората треба да бидат под Министерството за правда. Можеби тогаш посериозно ќе се преземаат тие надзори и чекори, одколку тоа што се правеше до сега, бидејќи ние имавме закон од 1998 година, но никој не постапуваше по тоа во рамките на Министерството за култура“, изјава проф. д-р Симона Груевска, Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“

Според аргументацијата на професор Наташа Аврамовска, директорка на Институтот за македонска литература, во сите сегменти предвидени со законот нужно треба да бидат вклучени претставниците и институциите на книжевната наука, а не исклучиво лингвистите кои заедно ја претставуваат македонистиката.

Во законот е предвидено задолжително лекторирање на текстови, учебници книги, се што излегува во јавна комуникација и при тоа задолжително да биде објавено името на лекторот, со што се отвора потреба од вработување лектори во судската, извршната и законодавната власт, во сите државни јавни институции и во медиумите. Според министерката за култура Костадиновска-Стојчевска, Законот за употреба на македонскиот јазик има квалитативно дополнување со моделот на заштита на јазикот, предвиден во Законот за заштита на културното наследство.

Предлог-законот за македонски јазик, кој стигна до јавна расправа, беше подготвен во 2019 година, но не влезе во собраниска процедура поради распуштањето на Собранието, по што следеа вонредните состојби.

Нина Стефанова

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

ВИДЕО: Што мислат за истополовите бракови, дали црквата треба да плаќа данок и колку партиските лидери им се шефови и им „бркаат“ гласови- Пендаровски и Силјановска во Претседателската дебата на Телма

Дејан Дејан

Наместо бројки, партиите треба да презентираат политики за економски раст, сметаат економските експерти

Дејан Дејан

Велигденски креативи кои ќе ви помогнат да ја разубавите претстојната трпеза

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе