Вести Македонија Најважни

Македонското и бугарското МНР лицитираат чиј е акцискиот план

Акциски планови, патокази, одговори на дадени предлози или нови предлози, анекси, нон-пејпери е терминологијата во која заглави комуникацијата меѓу Македонија и Бугарија изминативе месеци во обидот да се придвижи процесот кој ќе го крене ветото до страна на Бугарија во ЕУ. Дилемата кој кому каков документ му доставил вчера ја продлабочија и министерствата за надворешни работи на двете земји, откако македонскиот специјален пратеник за Бугарија, Владо Бучковски, во Софија доби документ кој и двете страни различно го толкуваат. За бугарското МНР тоа е акциски план кој Бугарија и го предлага на Македонија за исполнување на Договорот за добрососедствто и очекува тој да биде потпишан на претстојната меѓувладина комисија, додека македонското МНР за документот вели дека е одговор на акцискиот план кој земјава веќе и го предложи на Бугарија.

„Бевме договорени дека Република Бугарија ќе одговори на тој наш акциски план. Јас имав комуникација минатата недела со минстерката Захариева и бев во очекување на нивниот одговор, така што тоа што денеска, еве пред еден час можеби го добивме како одговор, е всушност нивно гледање на нашиот акциски план“, изјави шефот на македонската дипломатијата Бујар Османи во вчерашната Топ Тема.

Но додека и двете министерства лицитираат чиј е акцискиот план, молчат за конкретната содржината на долкументите кои си ги разменуваат. Единствено што откриваат е дека планот ги опфаќа сите ресорни министерства и следење на нивните активности надлежни за имплементација на Договорот за добрососедство.

„Ги покрива речиси сите министерства, од транспорт, до информатичко општество, млади и спорт, наведете било кој, здравство, образование, култура, економија – сите сектори кои што имаат проекти, прашања, меморандуми кои што треба да се потпишат меѓу двете министерства за да се олесни комуникацијата, но се разбира и работата на историската комисија“, вели Османи

Но во целата напред-назад комуникација на акциски планови меѓу двете министерства нејасно е каде заврши клучното прашање за кое Бугарија ја блокираше Македонија – барањето земјава да признае дека македонскиот идентитет и македонскиот јазик се вештачки, што пак не е дел од Договорот за добрососедство, поточно излегуваат надвор од неговите рамки.

За ова прашање пред некој ден потсети бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана, Красимир Каракачанов, кој тврди дека Бугарија и доставила на Македонија анекс со 12 точки и услов земи или остави за да добие датум за преговори. Анексот содржел барање за промена на образовниот процес во земјава, учебниците по историја, но и откажување историски претензии кон Бугарија и кон македноското малцинство таму, но и прифаќање на бугарско потекло на македонскиот јазик.

Постоењето на ваков документ од шефот на македонската дипломатија беше отфрлено како неточно, додека бугарското МНР досега не се произнело по ваквото тврдење на Каракачанов, кој инаку е еден од официјалните бугарски претставници инволвирани во прашањето со Македонија.

Тамара Грнчароска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Наместо бројки, партиите треба да презентираат политики за економски раст, сметаат економските експерти

Дејан Дејан

Велигденски креативи кои ќе ви помогнат да ја разубавите претстојната трпеза

Дејан Дејан

Екстрадиција на Палевски: Кои се процедурите за испорачување на бегалци

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе