Вести Македонија Топ вести

Наместо превенција, ние го пробиваме европското дно со рак на грлото на матката – гинеколозите загрижени за новите програми

Од Здравство воведуваат европски практики за превенција, а лекарите реагираат дека нив никој ништо не ги консултирал. Програмата за превенција на рак на грлото на матката пред половина година претрпи измени и сега бесплатен ПАП тест им следува на жените на три години, наместо на една.

Но, пациентките сè уште не знаат за тоа и се чудат во ординација, велат од Здружението на матични гинеколози.

Доктор Душко Филиповски критикува дека Министерството за здравство го остави него и неговите колеги „на цедило“.

„Министерството за здравство остави на нас матичните гинеколози секојдневно со три, четири, пет, десет пациентки да се објаснуваме дека тоа не сме го измислиле ние туку тоа го измислил некој во Министерството за здравство. Со новиот Протокол, ПАП тест со партиципација од 60 денари, којшто се чита во наши референтни лаборатории коишто имаат склучено договор со Фондот за здравствено осигурување им следува на пациентките по три години и еден ден од последниот ПАП тест“ вели д-р Душко Филиповски, претседател на Здружението на приватни гинеколози.

Од Министерството за здравство тврдат дека нема промени во грижата за женското здравје. Националната комисија за превенција на карцином на грлото на матката спроведува активности, во согласност со европските стандарди.

Оттаму велат дека потребно е секоја пациентка и понатаму еднаш годишно да се јави на гинеколошки преглед кај својот матичен гинеколог – а, тој утврдува дали треба да се прави ПАП тест, микробиолошки иследувања, ХПВ типизација и друго.

Скринингот за превенција на карцином на грлото на матката се реализира согласно американските и европските протоколи. Здравствените власти вака ја правдаат новата Програма.

„Доколку пациентката има направено ХПВ типизација и таа е негативна, ПАП тестот треба да се повтори за три години, во отсуство на какви било промени на грлото на матката кои ги утврдува матичниот гинеколог. Доколку гинекологот постави индикација дека треба почесто да се земе ПАП тест, во договор со ПЗУ е назначено дека и тој ПАП тест ќе биде земен бесплатно, во тригодишниот период“, велат од министерство за здравство.

Доктор Филиповски од Здружението на матични гинеколози на ова одговара со свои аргументи.

Секојдневно прима пациентки, се соочува со разни состојби и тврди дека со ваквите измени во протоколите само ќе се влоши состојбата.

„Проблемот е што оваа е преведена или ископирана верзија на земји како Финска, Данска, Шведска, Франција каде што бројот на пациентки со карцином на грлото на матката е искоренет, го нема или го има минимално. Оваа Програма одговара за мене. Меѓутоа ние со карцином на грлото на матката кај жените стигнавме до дното. Со оваква Програма, ние копаме уште надолу“ додава д-р Душко Филиповски, гинеколог.

За оваа одлука на Министерството за здравство, гинеколозите дознале преку допис во кој само ги известуваат за промените, без никакви консултации со нив, ниту обид да се слушне нивното мислење, вели доктор Филиповски.

Бесплатен ПАП тест на секои три, наместо на една година министерството воведе додека на позицијата беше претходниот министер, Меџити.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Екстрадиција на Палевски: Кои се процедурите за испорачување на бегалци

Дејан Дејан

Истражувањето покажа: Американците не им веруваат на медиумите и новинаритe

Дејан Дејан

И Пендаровски и Силјановска Давкова ќе ги прифатат уставните измени доколку бидат изгласани во Собранието

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе