Фирмите кои имаат сериозна градежна механизација, и според критичарите, вистински луѓе на вистинско место, не мора да го бараат Елдорадо ниту во Колумбија, ниту во Венецуела, ни па треба да ги истражуваат Амазонските шуми. Златниот град за нив е тука, во околината на Битола. Само што тука златото е црно.
Податоците од Бирото за јавни набавки покажуваат дека државната компанија за производство на струја ЕСМ од 2018 година склучила договори од над 250 милиони евра за ангажирање на надворешни фирми за ископ на јаглен, јаловина, други ископи или за ангажирање на помошна механизација во рудниците на РЕК Битола и во помала мерка во рудниците во Осломеј.
Ако на ова се додадат уште 212 милиони евра потрошени во време на претходната власт на ВМРО-ДПМНЕ, како што соопшти раководството на ЕСМ во 2018 година, се доаѓа до сума од скоро половина милијарда евра.
Како што се намалува квалитетот на јагленот што се ископува во рудниците во РЕК Битола, така растат парите што државата ги троши на надворешни фирми за ископување на јаглен и за изнајмување на помошна механизација
Не можат да постигнат да ископаат доволно јаглен за производство на струја со опремата што ја имаат, па мора да ангажираат надворешни фирми за да ја завршат работата.
Во меѓувреме, во изминатите три години, ЕСМ набави сопствена механизација за РЕК Битола од околу 28 милиони евра, помалку од што годишно троши на надворешни фирми.
Обвинувања за сомнителни тендери со ангажирањето на надворешни фирми има од партиите, само кога се во опозиција. Кога ќе дојдат на власт, имаат објаснувања.
Сите се согласни дека копањето со сопствена механизација е поевтино, но секогаш има објаснување зошто не е набавена. Полесно се ангажираат надворешни фирми, а потешко се купуваат сопствени багери.
„Механизацијата која ја имаме не ги задоволува целосно потребите за ископ на целиот потребен јаглен за зголеменото производство на електрична енергија“, велат во ЕСМ.
Купување на нова механизација за РЕК Битола најави Христијан Мицкоски како директор на тогашното ЕЛЕМ во 2017 година. По промената на власта, нова механизација се обиде да купи Драган Миновски, но и тој обид пропадна. Дури во 2021 година, кога директор беше Васко Ковачевски беа направени првите поголеми набавки. Беше купена механизација од 17,5 милиони евра, па на крајот на 2022 уште за 10,5 милиони евра.
Во меѓувреме, приватни фирми кешираат милиони.
„Еден од главните трошоци на АД ЕСМ е ангажирањето на надворешна помошна механизација при ископот на јаглен и јаловина, бидејќи РЕК Битола нема сопствена механизација. Има одреден број парчиња кои сè уште останале во исправна состојба, но последна ваква набавка била во далечната 2009 година. Во последните 10 години, за ангажирање на помошна механизација од надворешни фирми, РЕК Битола има платено повеќе од 90 милиони евра. За споредба, за оваа конкретна набавка, ние имаме предвидено рамковна сума од 19 милиони евра, која, и со сите пресметки на трошоци, вклучително и на ангажирање на механизацијата, сервисирање, човечките ресурси и сè она што е потребно како трошок, сепак е поисплатливо, отколку услугата да се изнајмува“, изјави тогашниот директор на ЕСМ Васко Ковачевски на 24 декември 2021 година.
Во ЕСМ велат дека им фалат и луѓе и машини.
„Употребата на нашата механизација не завршува со самата процедура на набавка, дополнително е потребен стручен и искусен кадар за управување од кој во моментот имаме недостиг, кој е дефицитарен на пазарот на трудот. Во ГИП за 2024 се предвидени нови набавки на механизација кои ќе се реализираат согласно потребите и можноста за нивна реализација“, велат во ЕСМ.
Кој се офајдува од мрсните тендери во РЕК Битола?
Последниот, најголем досега тендер за ископ на јаглен и меѓуслојна јаловина во рудникот Брод-Гнеотино во РЕК Битола, од 2,8 милијарди денари, односно 46 милиони евра, го доби фирмата Марковски компани од Битола, која со години е еден од најголемите тендерџии во РЕК.
Се работи за рамковна набавка од 18 месеци, односно фирмата ќе копа и ќе фактурира за сработеното, но сумата не може да надмине 46 милиони евра.
Битолската фирма настапи на тендерот со две струмички и една охридска фирма, кои ќе добијат по 10 отсто од работата, односно по 4,6 милиони евра секоја.
По 10 отсто од тендерот добиваат фирмите Сим инженеринг и Јавор транс од Струмица и Топлина од село Подмоље кај Охрид. Струмичките фирми имаат исти сопственици – Симеон и Горан Крстеви, татко и сон поврзани со семејството на поранешниот премиер Зоран Заев.
Горан Крстев беше дел од аферата Глобал за спорната изградба на трговскиот центар Глобал во Струмица. Во 2008 година, беше уапсен заедно со тогашниот струмички градоначалник Зоран Заев, но тогашниот претседател Бранко Црвенковски ги аболицираше.
Горан Крстев имал деловни односи и со Вице Заев, брат на поранешниот премиер. Во одреден момент во 2013 година, Крстев и Вице Заев се косопственици на фирмата Сара-Јавор инженеринг од Струмица, која сега е деловно неактивна.
Истите фирми, пред четири месеци, на почетокот на октомври добија тендер за ископ на јаловина во РЕК Битола во вредност од 1,5 милијарди денари, односно скоро 25 милиони евра. Поделбата на колачот и тогаш била иста – по 10 отсто од работите им припаднале на СИМ инженеринг и Јавор транс од Струмица и Топлина од Подмоље.
Секоја година се трошат 30 до 50 милиони евра за ангажирање надворешни фирми за ископ или за помошна механизација во ЕСМ. Меѓу најголемите тендерџии, покрај Марковски компани, со години се и Пелистер и Руд-коп од Битола, а од 2018 тендери од РЕК почна да добива и сега пропаднатата СВ Инвест, која за две години доби милиони евра од РЕК и потоа исчезна. ВМРО-ДПМНЕ обвини дека оваа фирма е параван за бизнисите на Вице Заев. Сопственикот Стојан Чифлигароски негираше дека е нечиј параван, но не го криеше пријателството со Вице Заев.
Опозицијата сега обвинува дека власта не купува сопствена механизација за да испумпува пари од РЕК.
„Дали за да го реализираат овој грабеж со самото доаѓање на власт ја поништија набавката на рударска опрема за ископ на јаглен во вредност од 34 милиони евра, распишана од претседателот Мицкоски тогаш како директор на ЕЛЕМ? Набавката предвидуваше набавка на багери, камиони, булдoжери за копање на јaглен во РЕК Битола, и доколку се реализираше истата ќе беше сосема непотребно да се ангажираат надворешни фирми за ископ, па така во РЕК ќе се заштедеа десетици милиони евра секоја година“, рече Марија Митева од ВМРО-ДПМНЕ.
Порано се местеа тендери за „тој што вози Сеат“
Кога улогите беа променети, и куршумите летаа на спротивната страна.
На 26 март 2015, тогашниот опозициски лидер Зоран Заев објави нелегално прислушуван разговор меѓу премиерот Никола Груевски и директорот на ЕСМ Влатко Чинговски, во кој се слуша како Груевски шифрирано сугерира кој треба да го добие тендерот. Според Заев, тендерот треба да го добие Трансмет на биснисменот Сеад Кочан, заедно со Силекс на поранешниот претседател на Социјалистичката партија на Македонија Љубисав Иванов Ѕинго.
Транскрипт: Разговор меѓу Никола Груевски и Влатко Чинговски
НГ: Вчера се видов со кратовчанецот.
ВЧ: Со…?
НГ: Со кратовчанецот, од Кратово.
ВЧ: Кратовчанецот!? Ааа, да, да, да, добро, добро. Јасно ми е.
НГ: Се видел и со тебе.
ВЧ: Да беше кај мене, разговараме, му дадов некои идеи.
НГ: Се видов и со оној…
ВЧ: Од Битола така?
НГ: …што има кола Сеат Ибица, знаеш? Сеат, Сеат Ибица….
ВЧ: А да, добро, добро.
НГ: Се видов, и двајцата….
ВЧ: Ало…
НГ: …да им помогнеш некако…
ВЧ: Па еве денеска…
НГ: Они ги вртат… они кажуваат дека најверојатно оној Страшо и тој битолчанецот дека ќе бидат.
ВЧ: Да, за тоа, да. Таму сигурно ќе се пријават, ама му реков јас дека може он слободно да се јави, да направи некои конзорциум и да се јави.
НГ: Најбоље е ти тоа да го организираш, да е предвидливо. Они се вака збунети…
ВЧ: Така.
НГ: Не знаат што да прават. Мислам дека треба со нив да се видиш и да ја организираш работата и да се сите задоволни.
ВЧ: Аха. А овој од Берово дојде?
НГ: Оти кратовчанецот знаеш зошто ни е многу битен?
Во предизборната кампања во 2016 година, СДСМ ветуваше дека прекинување на коруптивните договори во РЕК Битола.
„Притоа, експлоатацијата ќе се врши со високо продуктивна механизација во сопственост на АД ЕЛЕМ, со што ќе се раскинат постоечките коруптивни договори со кои со години наназад од македонскиот државен буџет се одлеваат 120 милиони евра на годишно ниво“, ветуваа тогаш од СДСМ.
Бизнисменот Сеад Кочан поради овој тендер од 2011 година беше осуден на 4 години и 8 месеци затвор и конфискација на имотот на неговата фирма Трансмет од 14 милиони евра.
За дел од нашите соговорници, запознаени со ситуацијата, договорите со надворешни фирми за ископ и за изнајмување механизација се ѓуле околу ногата на РЕК Битола. За некого, тоа ѓуле е златно.
Срѓан Стојанчов