Вести Свет Топ вести

САД во одмазничка мисија за убиството на тројцата американски војници во Јордан – удари врз локации во Ирак и во Сирија, загинаа најмалку 16 лица

Одговорот почна и ќе продолжи во време и на места кои САД ќе ги одберат, порача американскиот претседател Џо Бајден по одмазничките воздушни напади во Ирак и Сирија за убиството на тројцата американски војници и 40-тината повредени во минатата недела во Јордан. Мета на американските авиони беа седум локации со 85 цели кои се поврзуваат со Иранската револуционерна гарда и милициите блиски до неа.

Во пламен завршија командни и контролни штабови, разузнавачки центри, ракети, проектили и муниција, места за складирање на беспилотни летала и други објекти. Според ирачки официјални претставници загинаа најмалку 16 лица, а 25 се повредени. Жртви пријавија и сириските власти, без да прецизираат бројка.

„Попладнево, по моја насока, американските воени сили погодија цели на објекти во Ирак и Сирија кои Иранската револуционерна гарда и нејзините блиски милиции ги користат за напади врз американските сили. Нашиот одговор започна денес. Ќе продолжи во моменти и места по наш избор. САД не бараат конфликт на Блискиот Исток или на кое било друго место во светот. Но, нека го знаат ова сите оние кои би сакале да ни нанесат штета – ако му наштетите на Американец, ние ќе одговориме“, стои во изјавата на Бајден по најновите американски операции на Блискиот Исток.

Портпаролот на Советот за национална безбедност на САД, Џон Кирби ги оцени нападите како успешни и оти сите авиони се вратиле безбедно во базите.

Со реакција се јави и иранскиот претседател Ебрахим Раиси кој нагласи дека неговата земја нема да започне војна, но оти ќе одговори на секој кој ќе се обиде да ја малтретира. Во телевизиското обраќање до нацијата, тој додаде дека Техеран не е закана за ниту една држава во регионот. Кабинетот на ирачкиот премиер Мохамед ал Судани, пак, ги осуди американските напади кои ги нарече „нова агресија врз суверенитетот на Ирак“.

Сашко Димовски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

ЗНАМ со повик до гласачите – гласајте масовно и изберете претседател по сопствено убедување

Дејан Дејан

Македонија на 36 место според слободата на медиумите

Дејан Дејан

Чуварите во прилепскиот затвор масовно „се разболеа“

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе